fbpx

Дворовите на основните училишта во Чаир во мизерна состојба, институциите дремат

Учениците бараат подобри услови, Министерството за образование ја префрла одговорноста на општината, а општина Чаир не одговара на новинарските прашања, пишува Порталб.мк

-

Дворовите на некои основни училишта од општина Чаир се во мизерна состојба и со оштетени спортски терени. Порталб.мк посети неколку од основните училишта во Чаир, и на терен се гледа дека некои воопшто немаат спортски терени. Учениците бараат подобри услови, Министерството за образование ја префрла одговорноста на општината, а општина Чаир не одговара на новинарските прашања, пишува Порталб.мк.


Текстот на Порталб.мк го пренесуваме во целост:

Грда слика 

Дворовите на основните училишта во Чаир се полни со отпад, лисја и неискосена трева. Некои од училиштата немаат спортски терени.

Го посетивме основното училиште „Конгреси и Манастирит“. Игралиштето беше уништено. Состојбата во дворот зад училиштето беше страшна, тревата беше неискосена полна со отпад и плодови кои паѓаа од дудинката долу на цементот, место кое учениците го користат за спортски активности за време на часот по физичко образование. Овој дел немаше никакви услови за спортски активности, головите место со стативи беа означени со камења, а фудбалскиот терен не беше означен со никаква боја.

Основното училиште „Јашар беј Шкупи“ има помалку простор. Условите во него не беа соодветни. Ѕидовите беа уништени и исшкртани со разни графити и зборови, дури исшкртани и со валкани зборови. Зацементираната патека која води до училиштето беше оштетена, испукната, а тој дел се користеше и за паркирање на возилата. Имаше и мал спортски терен кој се користеше за физичко образование, поточно за играње фудбал, со голови без мрежа, а ѕидот се користеше како места за седење за публиката.

Основното училиште „Јашар беј Шкупи“ | Фото: Порталб.мк

Основното училиште „Тефејјуз“ не се одликуваше по хигиентата во училишниот двор. Само што ќе влезете во дворот првото нешто што ви паѓа во очи е отпадот. Тревата не е одржувана, особено во задниот дел од дворот, кој беше доста голем, жиците од мрежата со која беше обиколен дворот беа оштетени, а воедно фалеа и делови од таа ограда. Полн со отпад беше и спортскиот терен. Головите немаа мрежа, полето беше необележано, кошаркарските обрачи исто така без мрежа, а бетонскиот под беше необележан.

Дворот на основното училиште „Тефејјуз“ | Фото: Порталб.мк

Основното училиште „Лирија“ на влезот имаше стари скршени скали. Во ова училиште нема терен за спортски активности.

Учениците бараат подобри услови

Иако немаше простор за спортски активности и и покрај проблемите на терен, учениците со кои разговаравме рекоа дека се задоволни од спортските терени, но рекоа дека би сакале нивната состојба да се подобри.

Насер Криезиу, ученик во училиштето „Лирија“, во деветто одделение, вели дека „во училишниот двор би сакал да имам чешма од каде ќе можам да се напијам вода, игралиште и базен“.

Џенета Мустафа, друга ученичка од истото училиште, рече дека би сакала во училишниот двор да има повеќе простор за седење.

„Мислам дека има малку места каде што можеме да седнеме, а и плочките се стари, би сакала да се нови. Јас лично не чувствувам недостиг на спортски терен во дворот бидејќи спортската сала е доволна и претпочитам предметот по физичко образование да го држиме внатре во спортската сала“, рече Мустафа.

Што велат вработените во училиштата

Порталб.мк разговараше со директорот на Основното училиште „Тефејјуз“, Салајдин Зекир. Тој кажа дека како училиште не го користат многу спортскиот терен и дека дворот на ова училиште најмногу го користат децата од населбата за активности и дека тоа не им пречи.

Салајдин Зекир, директор на Основното училиште „Тефејјуз“ во Чаир | Фото: Порталб.мк

„Ние не сме одговорни за ова бидејќи после часовите тука доаѓаат деца од населбата Гази Баба да играат во дворот и кај стадионот и не можеме да го одржуваме. Ова одржување треба да го прави општината, а не ние, а тие доаѓаат само еднаш неделно. Што се однесува до училишниот отпад, него го фрлаат граѓаните, ние не можеме да ги спречиме“, рече Зекир.

Наставникот по Физичко образование од основното училиште „Лирија“, Седат Бафтиу, рече дека не чувствуваат недостиг од спортски терени.

Седат Бафтиу, наставник по физичко образование во основното училиште „Лирија“ од општина Чаир. | Фото: Лична архива

„Сали имаме само во затворени простории, а во отворени не гледам потреба да имаме затоа што овде ќе се создаде поинаква ситуација, на пример ќе дојдат други спортски клубови и ќе интервенираат, ќе закажат, затоа ние имаме спортски терен кој го користиме до 18:00 часот“, рече Бафтиу.

 

Министерството за образование и наука се правда

Од Министерството за образование и наука за овој проблем потенцираат дека со процесот на децентрализација основните и средните училишта се во надлежност на општините, а локалната самоуправа е надлежна за нивно управување и одржување.

„Министерството за образование и наука инвестира во изградба и реконструкција на училишни згради, за што покренува иницијатива самата општина, која укажува на потребата од инвестиции. Секое барање што е доставено до МОН за реализација на која било капитална инвестиција внимателно се разгледува и се донесува одлука, согласно приоритетот на потребите и расположливиот годишен буџет, каде и во кои училишта ќе се инвестира“, соопштуваат од МОН.

Молк од Општина Чаир

За овој проблем со кој секојдневно се соочуваат учениците се обративме и до општина Чаир, но одговор не добивме.

Инаку што се однесува до овој проблем, Порталб.мк известуваше за основните училишта во Гостивар и Тетово, а во наредните денови ќе известува и за училиштата во Куманово.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Податочните центри во Ирска потрошиле повеќе струја од сите домаќинства заедно

Податочните центри во Ирска потрошиле повеќе струја од сите домаќинства во државата заедно, пренесува Гардијан. Според Државниот завод за статистика на Ирска, податочните центри искористиле 21 отсто од електричната енергија...