fbpx

Мрежата за борба против дезинформации на Западен Балкан презентирана на конференцијата ПОИНТ

Во првата сесија на ПОИНТ 1011, што се одржа во Младинскиот центар „Скендерија“, Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси на фондацијата „Метаморфозис“ ја презентираше ситуацијата во поглед на дезинформациите во земјава и пошироко во Западен Балкан

-

На 11-тото издание на ПОИНТ конференцијата што почна денеска во Сарајево, БиХ, беше презентирана Western Balkans Anti-Disinformation Hub (Мрежата за борба против дезинформациите во Западен Балкан). Конференцијата ПОИНТ е најголемата конференција од својот вид во регионот, а е посветена на политичката отчетност и новите технологии. Таа претставува еден вид платформа на граѓанското општество за поттикнување на новите технологии и форум на соработка во регионот и пошироко.

Годинашната конференција, како и претходните, ја организира здружението „Зашто не“ од Сараево, заедно со мрежите ACTION SEE и Western Balkans Anti-Disinformation Hub, чијшто основач е македонската фондација „Метаморфозис“, како и мрежата See Check.

Во првата сесија на ПОИНТ 1011, што се одржа во Младинскиот центар „Скендерија“, Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси на фондацијата „Метаморфозис“ ја презентираше ситуацијата во поглед на дезинформациите во земјава и пошироко во Западен Балкан, како и работата на Western Balkans Anti-Disinformation Hub (Мрежата за борба против дезинформациите во Западен Балкан), како една од алатките за подобро справување со прекуграничното ширење дезинформации во регионот.

„Започна од сфаќањето дека дезинформациите во регионот немаат за цел само една земја, затоа што дезинформации што промовираат странски штетни интереси вообичаено се шират прекугранично и се „копираат“. Она што правиме преку оваа мрежа е: ги здружуваме силите на неколку организации од различни типови, вклучувајќи организации што долго работат на полето на проверка на факти и организации што донесуваат други различни капацитети, како тинк-тенкови или организации што работат со медиумите, и истражувачки новинари. Мрежата, со поддршка на Кралството Недерландија, има учесници во сите шест земји на Западен Балкан“, појасни Стојановски.

Суштината на ваквата регионална соработка е прибирање сознанија и создавање содржини што се едукативни за јавноста, истовремено изградувајќи ги капацитетите на медиумите да ја разберат ситуацијата за да може да известуваат поквалитетно. Мрежата за борба против дезинформациите на Западен Балкан исто така овозможува и комбинирање на сили во нови форми, за да се документираат штетните наративи, односно да се комбинираат информациите за да се следи ширењето на дезинформациите.

Како што објасни Стојановски, идејата не е само да се известува за дезинформациските инциденти или кампањи, туку да се оди понатаму, во два различни правца: да се поттикне истражувачко новинарство, значи да се оди подлабоко и понатаму од подрачјето на проверката на фактите или анализирањето, туку и да се овозможи застапување, да се обезбедат препораки и да се поттикне креирање политики за секое од посебните општества во Западен Балкан.

 

Штетното влијание ги има за цел умовите на граѓаните

Директорот за партнерство и развој на ресурси на фондацијата „Метаморфозис“ пред меѓународната публика во Сараево, го претстави и опасното влијание за промена на ставовите на граѓаните што се водени од странски центри на моќ.

„Различните видови дезинформациски наративи се користат за на адаптиран начин да се менува размислувањето и придобивањето информации од луѓето од различни земји. Бидејќи приликите во различни земји се различни, различни се проблемите. Овие дезинформациски кампањи и дезинформациски наративи, исто така имаа за цел поделби и ослабување на нашите општества. Во општа смисла, овие дезинформациски наративи, се антизападни, антидемократски, антилибералдемократски. Тие промовират некои различни верзии на демократии или авторитарност и се осмислени да сејат недоверба“, порача Филип Стојановски, појаснувајќи дека цел на „сеењето недоверба“ се и меѓународните институции, и институциите на државите во регионот, за да бидат заменети од некои авторитарни или мафијашки или популистички структури.

Голем дел од ваквите напори се насочени против ЕУ и НАТО, кои се претставуваат како закана и како штетен фактор, посебно преку повторно заживување на наративите што беа присутни на Балканот во 1990-тите, кога имаше навистина многу пропаганда што ги обликуваше умовите на луѓето.

Како посебно интересен пример на „напад“ врз државните институции, Стојановски го посочи македонскиот пример, односно реакциите на давањето поддршка и помош од Северна Македонија за Украина.

„Во однос на Украина, на пример, имавме наративи дека санкциите им штетат на земјите во Европа или дека поддршката за Украина и штети на нашата земја. На пример, во Северна Македонија, која подари дел од вишокот оружје на Украина, сега има наративи дека тоа и штетело на економијата и дека нашата сиромашна земја не може да поддржува или не би требало да поддржува други земји и да дава хуманитарна или друга помош и дека сега сме без одбрана“, појасни Стојановски.

Тој нагласи дека дезинформациите не се само медиумски или проблем на медиумската писменост, туку исто така и безбедносен проблем.

„Затоа мора да се справуваме со нив со голема грижа и напори, слични на споменатото здружување на различните организации, па треба да има и здружување на факторите во општеството – и на ниво на една земја и на регионално ниво“, нагласи директорот за партнерство и развој на ресурси на фондацијата „Метаморфозис“.

Тој пред меѓународната публика појасни дека инспиративен и добар во овој поглед е примерот на Северна Македонија, каде со текот на времето се изгради систем за консултации меѓу невладините организации – и оние заинтересирани за развој на медиумите и оние заинтересирани за борбата против дезинформациите. Потоа тој напор беше надграден, посочи Стојановски.

„Кога упативме барање до владата да се изгради систем што ќе биде национална стратешка мрежа за справување со овој проблем, поради политичката волја што постои, тоа беше прифатено и сега одиме напред со креирање политики за справување со проблемот, коишто би требале да го вклучуваат целото општество“, рече Стојановски.

Конференцијата ПОИНТ 1011 почна денеска во Сараево, а ќе продолжи утре и задутре, со панел дискусии и работилници за градење капацитети.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Правиме букви“ – утре детска работилница за фонтови во „Бруталиск“

Утре, в недела во 11 часот во КЦ Бруталиск се одржува бесплатна работилница за писма, фонтови и типографија за деца над шест годишна возраст. Под менторство на Небојша Гелевски...