fbpx

Можна реконструкција на грчката влада

-

Ја очекува ли Грција владина реконструкција во следниот период? Сценариото за мерки па владина реконструкција, сè повеќе се слуша во Атина како што се приближува гласањето на новиот пакет мерки од 5,4 милијарди евра. Оценките се дека премиерот Алексис Ципрас е подготвен да го смени владиниот состав штом се постигне договор со европските кредитори.
Замислата на Ципрас е преку ова да ја освежи владата, да обезбеди постабилен владин состав, одлучен да ги спроведе договорените мерки и паралелно да се отвори за соработка кон другите партии од центро-левичарскиот спектар во Грција.

Неизвесно е дали својата позиција ќе ја задржи министерот за финансии Евклидис Цакалотос, кој важи за еден од повредните и популарни министри, кој повлече црвена линија за барањата на ММФ за дополнителни мерки. Тој јасно истакна дека нема да дозволи наместо 5,4 милијарди евра Грција да мора да изгласа пакет од девет милијарди евра. Нејасно е што ќе се случува и со министерот за миграција, Јанис Музалас, дали ќе остане во министерството или можеби ќе биде прераспределен како вицепремиер за миграција.

Двете интересни имиња кај кои стои знак прашалник за идната влада се министерот за одбрана и коалициски партнер на Ципрас, Панос Каменос, и шефот на дипломатијата, Никос Коѕиас. Медиуми, како телевизијата „Стар“ и информативниот портал „Њузит“, коментираат дека е можно Каменос да се префрли во Министерството за надворешни работи, чекор на кој аналитичарите гледаат со негодување. Ваквата промена, особено во период на зголемената тензија меѓу Грција и Турција во Егејско Море, можно е да биде превентивна, односно да претендира да ги избегне ненадејните потези на Каменос, слични на ненадејната воена вежба над Идомени и над островите на границата со Турција. Весникот „Параскинио“ посочува дека за Велигден, кој Ципрас и Каменос го поминаа заедно, двајцата разговарале за можноста Каменос да го преземе министерството за поморство.

За тоа дека останувањето на Коѕиас во владата можно е да е под знак прашалник, пред извесно време пишуваше и весникот „То вима“. Повикувајќи се на владини извори, весникот посочи дека односите меѓу Ципрас и Коѕиас се заладени поради инертноста на Коѕиас околу бегалското прашање, поради што не е исклучено во реконструкцијата да биде поставен нов министер за надворешни работи.

Тоа што изненадува се и информациите дека се размислува и за соработка со ПАСОК. Весникот „Параскинио“ пишува дека Ципрас и Каменос ја разгледувале идејата доколку ПАСОК се отворени за влез во владината коалиција, министерството за одбрана да оди во раце на лидерот на партијата, Фофи Генимата. Се споменува и можноста за соработка со поранешниот лидер на Демократска левица, Фотис Кувелис, како и со поранешната заменик-министерка за надворешни работи, Марилиза Ксенојанакопулу, која го напушти ПАСОК и се наклони кон Ципрас.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...