МНР ги поднесе документите за тендерот од 1,8 милиони евра до обвинителството и до антикорупциската

Министерството преку денешното соопштение апелира до надлежните институции да придадат посебно значење и приоритет на овој предмет, имајќи ги предвид импликациите кои се предизвикани со бројните шпекулации кои се појавија во јавноста

-

Министерството за надворешни работи до Државната комисија за спречување на корупцијата и до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја доставило тендерската документација за уредување на салата „Борис Трајковски“, за потребите на конференцијата на ОБСЕ од 1,8 милиони евра, што ја доби фирмата „Еуровиа“ од Желино.

Причината за ова е што во јавноста беше обеледонето дека фирмата била донатор на владејачката партија ДУИ, а министерот за внатрешни работи Бујар Османи рече дека фирмата победила на тендерот затоа што имала најниска понуда, а тој не знаел дека таа е донатор на неговата партија.

Министерството преку денешното соопштение апелира до надлежните институции да придадат посебно значење и приоритет на овој предмет, имајќи ги предвид импликациите кои се предизвикани со бројните шпекулации кои се појавија во јавноста.

Не стивнуваат реакциите за милионскиот тендер на МНР, случајот со „Еуровиа“ го испитува и Антикорупциска

„Повторуваме: нема нерегуларности во постапката, неопходна за успешно одржување на најголемиот меѓународен политички настан во Скопје, во рамки на Претседавањето на земјата со ОБСЕ. Заради економично и ефикасно алоцирање на буџетот, условот за избор на најповолен понудувач беше најниска цена по прецизно дефинирани работи и ниво на квалитет на изведба. Од четирите понудувачи, избраната компанија имаше далеку најконкурентна понудена цена согласно очекуваните количини предвидени во техничката спецификација“, велат од МНР.

Инаку, според податоците од Бирото за јавни набавки, фирмата Еуровиа ДООЕЛ Желино во последниве години има добиено тендери кои тежат милиони евра.

Само годинава, фирмата има добиено четири тендери – за набавка на работи за внатрешна адаптација и надворешно уредување на спортскиот центар „Борис Трајковски, потоа реконструкција на фекална канализација од Општина Чаир за 76 илјади евра, речиси 2 милиони евра од ЈП за државни патишта за „чистење на канавки, риголи, пропусти, берми и кресање банкини на автопат во времетраење од две години“ и 2 милиони евра за изградба на полициска станица во Аеродром, тендер распишан од МВР.

Компанијата за шест години има добиено повеќе од 25 тендери од државни и јавни институции, од општините Тетово, Врапчиште, Чаир, Министерството за образование, Министерството за здравство итн.

Според податоците од Централниот регистар, нето-добивката на фирмата за 2022 година изнесува над 786 илјади евра. Сопственик на фирмата е Ељмедин Адеми.

Нула толеранција за напади врз новинарите: насилниците мора да одговараат

Сериозни напади врз новинарите, решавање на нерешените случаи на напади врз медиумските работници, заштитата на јавниот интерес преку слободата на говор, транспарентноста на надлежните институции и соработката помеѓу еснафските...