Здружението Гоу Грин собира младински барања за зелени општини

Повикот е наменет за млади на возраст од 15 до 29 години од општините Аеродром, Кисела Вода, Чаир, Куманово, Гостивар и Прилеп

Илустрација: Гоу Грин

Здружението Гоу Грин Скопје (Go Green) третпат објавува повик за младите да ги поднесат своите идеи и потреби кои ќе допринесат за зелени општини. Повикот е наменет за млади на возраст од 15 до 29 години од општините Аеродром, Кисела Вода, Чаир, Куманово, Гостивар и Прилеп и истиот може да се пополни на овој линк.

Градоначалниците на овие шест општини во нивната предизборна кампања се заложиле преку оваа соработка да ги реализираат барањата на младите за нивните општини да бидат зелени.

„Заедно со младите еко-активисти сакаме заедно да придонесуваме во младинската инфраструктура во општините, и да придонесеме за нивна едукација кон одржливи навики, кои директно ќе влијаат врз околината“, вели Арта Ќерими, програмски координатор на Гоу Грин.

Од таму додаваат дека младите не се доволно вклучени во донесување на одлуки во општините, а во поголемиот дел од нив не се оформени ни локалните младински совети, па така преку овој процес се пренесува гласот и потребите на младите во нивната општина.

Илустрација: Гоу Грин

„Потребите на младите секоја година се менуваат, затоа континуирано треба да ги прашуваме и дискутираме што е тоа што тие сакаат да го видат како зелена промена во нивната општина. Сè повеќе сме сведоци на влијанието на климатските промени врз нашиот свет. Зголемувањето на температурите, екстремните метеоролошки појави и поплавите не се само загрижувачки вести – тие се реалноста со која се соочуваме“, велат од организацијата.