Студентите што досега не го оствариле правото на субвенциониран оброк, може да аплицираат до 7 јануари

Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари дневно, што студентот ја добива од МОН за купување приготвена храна. Со наменските картички може да се купуваат оброци од трговци кои продаваат приготвена или готова храна, односно пекари, сендвичарници, ресторани и маркети

Илустрација: Мета.мк

До недела, 7 јануари, студентите што досега не успеале да се пријават и да го остварат правото на субвенциониран студентски оброк, можат тоа да го сторат преку порталот „е-услуги“ на Министерството за образование и наука (МОН).

За оваа мерка може да се пријават сите студенти кои ги исполнуваат следниве услови: да се државјани на Република Северна Македонија, да се редовни студенти на додипломски студии на државните или приватните универзитети, да не се во редовен работен однос, да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата.

Притоа, студентите треба да имаат предвид дека е објавен посебен повик за секој од универзитетите и треба да аплицираат на конкретниот повик за универзитетот на кој студираат.

При пријавувањето, студентите треба да пополнат, потпишат и прикачат два документа: Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци кои може да се најдат и симнат од овде.

Секој кандидат може да ја провери поднесената пријава на „е-услуги“, во електронската апликација во менито „Мои апликации“. За помош при аплицирањето студентите може да го погледнат видеото достапно на овој линк.

Министерството за образование и наука (МОН) ќе го извести секој кандидат за статусот на пријавата по електронски пат, по што студентите ќе добијат СМС-порака од Шпаркасе банка за да ги ажурираат податоците и да можат да ги подигнат картичките со кои ќе може да купуваат оброци.

Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари дневно, што студентот ја добива од МОН за купување приготвена храна. Со наменските картички може да се купуваат оброци од трговци кои продаваат приготвена или готова храна, односно пекари, сендвичарници, ресторани и маркети.

Корисниците имаат право услугата да ја користат од понеделник до сабота, но не за време на државни празници и неработни денови.

Доколку студентот не ја подигне навремено картичката или воопшто не ја подигне, нема да може да ги искористи средствата на ниту еден друг начин. Дополнително, секој 1-ви до 7-ми во месецот за секој месец од академската 2023/2024 година ќе тече рокот за пријавување на студентите кои не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк претходно или чие право престанало поради неисполнување на некој од критериумите.

Секој апликант кој има потреба од непосредна поддршка при аплицирањето може да се обрати на следниот контакт: [email protected] или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на министерството.