Младите од Западен Балкан во Тирана дискутираа за младинските перспективи на регионот

Фото: УНДП

Во изминатите два дена, 120 млади од Западен Балкан присуствуваа на конференцијата организирана како дел од Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 (ReLOaD2). Станува збор за регионална иницијатива која се спроведува во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија, а која работи на зајакнување на партнерствата помеѓу локалните власти и граѓанското општество, конкретно насочена кон зголемување на граѓанското и младинското учество во процесите на донесување одлуки.

Конференцијата ја отвори Бора Мужаќи, Државен министер за млади и деца на Албанија, која ја нагласи важноста на моделот ЛОД што го користи Европската Унија за финансирање младински организации.

Хилен Франке, Раководител на Секторот за граѓанско општество, социјална инклузија и развој на човечкиот капитал во Европската Комисија порача дека младите се од највисок приоритет за ЕУ.

„Младите никогаш не биле повисоко на агендата на ЕУ, имајќи предвид дека 2022 година е Европска година на младите. Ова се однесува и на нашиот ангажман во Западен Балкан, каде Тирана беше прогласена за Европска престолнина на младите за 2022 година. Младите ќе продолжат да бидат во центарот на поддршката на ЕУ за регионот. Проектот ReLOaD2 е една од нашите клучни регионални иницијативи за поддршка на граѓанското општество, но исто така има и силен фокус на младите. Со овој проект успешно се промовира улогата на два клучни чинители за иднината на Западен Балкан и неговата европска перспектива – граѓанското општество и младите“, нагласи Франке.

Програмата обезбеди простор за младите да разменат мислења за предизвиците и практиките поврзани со нивното учество во заедницата преку неколку панел дискусии и работилници. Започнувајќи со уметничка игра на младинскиот ансамбл од Тирана и завршувајќи со насочен дијалог, младите ја пренесоа пораката дека имаат потреба почесто да бидат сослушани.

Вклученоста на младите на територијата на целиот Западен Балкан е на незадоволително ниво, но на настанот беа истакнати позитивни примери на ангажирање на младите, што покажува дека истрајноста и самостојниот развој се секогаш важни.

„Ова е приказна за млади луѓе кои сакаат да придонесат за иднината и се свесни дека можат да го сторат тоа само ако се слушне нивниот глас и ако се дел од процесите на донесување одлуки“, вели Сунчица Коваќевиќ, младински активист.