Министерството за здравство, во согласност со метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, соопшти дека почнувајќи од утре и во текот на викендот територијата на целата земја ќе биде зафатена со висока температура од портокалова фаза. Министерството препорачува во следните три дена (од петок до недела) од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60-годишна возраст, додека сите други лица при појава на каков било здравствен проблем веднаш да се јават кај својот матичен лекар.
На работодавците им се препорачува да го реорганизираат работното време и да не се изведуваат активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, како и да обезбедат за своите вработени одмор под сенка и доволно течности на секои два часа.
Министерството за здравство препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на детските градинки да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.
Во следните три дена Министерство за труд и социјална политика со поддршка од Црвениот крст на Македонија ќе спроведува интензивни активности за згрижување на бездомните лица.
Министерството за здравство препорачува и граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високата температура, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности и хигиенски начин на подготовка на храната, односно храната да се подготвува и да се консумира со повисок степен на внимание.
На хронично болните лица се препорачува редовно земање на препишаната терапија, а при појава на каков било здравствен проблем да се побара помош од матичен лекар.