fbpx

Министерот Меџити го демантира Министерството за здравство за раскинувањето на договорот за кичевската болница

Од Министерството за здравство на 4 декември за Порталб.мк изјавија дека е покрената постапката за раскинување на договорот, но министерот за здравство завчера изјави дека договорот е раскинат пред две недели, поточно една недела порано од тоа што беше пренесено преку соопштението на Министерството

-

Министерот за здравство, Фатмир Меџити завчера даде контрадикторна изјава во врска со постапката за раскинување на договорот со фирмата која не успеа да ја заврши изградбата на Општата болница во Кичево. Од Министерството за здравство на 4 декември за Порталб.мк изјавија дека е покрената постапката за раскинување на договорот, но министерот за здравство завчера изјави дека договорот е раскинат пред две недели, поточно една недела порано од тоа што беше пренесено преку соопштението на Министерството.

Министерот за здравство, Фатмир Меџити на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање рече дека договорот со фирмата одговорна за изградбата на Општата болница во Кичево е раскинат пред приближно две недели и дека наскоро ќе биде распишан нов тендер.

„Цело време се шпекулираше дека тој договор нема да биде раскинат, тој веќе е раскинат, и тоа пред приближно 2 недели. Она што можам да го споделам со вас е дека или пред нова година или после нова година, зависно од текот на процедурите, ќе се распише тендерот за доградба на Клиничката болница во Штип, а потоа ќе продолжиме и со болницата во Кичево“, изјави министерот Меџити.

Но, овој одговор е контрадикторен со официјалниот одговор на Министерството за здравство кое пред една недела, на 4 декември, информираше дека постапката за раскинување на договорот е во тек.

„Што се однесува на второто прашање, во тек е постапката за раскинување на договорот, односно постапката за раскинување на договорот е започната“, изјавија од Министерството за здравство за Порталб.мк на 4 декември.

Како се раскина договорот за Кичевската болница која почна да се гради пред 30 години?

Порталб.мк уште од 26 октомври годинава побара одговор од Министерството за здравство во врска со процесот на изградбата на новата болница во Кичево, објект кој се гради уште од 90-тите години.

Во врска со раскинувањето на договорот откако фирмата не успеа да ја изгради болницата во предвидениот рок, од самиот министер неколку пати добивме одговор дека наскоро ќе се раскине договорот и дека имаат некои дилеми како да постапат за да не да биде оштетено Министерството поради некоја евентуална тужба.

На 31 октомври, Порталб.мк повторно поднесе прашање до Министерството за здравство околу тоа која е одговорната фирма и дали е раскинат договорот за кој најавуваше министерот Меџити уште од август годинава. Откако повторно не добивме одговор, на 1 ноември решивме да побараме одговор врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

На 2 ноември, на прес-конференција на прашањето на Порталб.мк околу тоа дали договорот е раскинат, тој рече дека се очекува договорот да биде раскинат во рок од една недела.

На 6 ноември, Директорот на Општата болница во Кичево, Станко Трпески, откако одби да одговори на прашањата на Порталб.мк за новата болница, преку соопштение им забрани на вработените да комуницираат со медиумите.

На 8 ноември, Порталб.мк повторно испрати прашања до Министерството за здравство за постапките на директорот на болницата, но и дали е раскинат договорот, но повторно не добивме одговор.

На 13 ноемвриПорталб.мк на прес-конференција повторно го праша министерот за здравство дали го раскинале договорот, при што тој изјави дека разгледуваат неколку дилеми со Владата за министерството да не претрпи штета како последица на едностраното раскинување на договорот.

Откако Министерството за здравство не одговори на нашето барање врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Порталб.мк се пожали до Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Тогаш Министерството за здравство беше принудено да одговори на нашите прашања и да ги испрати договорите што ги потпишале за изградбата на Општата болница во Кичево.

На 4 декември, Министерството за здравство заедно со документите преку е-маил извести дека е започната постапката за раскинување на договорот со градежната фирма.

На 7 декември, Порталб.мк повторно испрати прашања до Министерството за здравство околу тоа дали е раскинат договорот, но повторно не добивме одговор.

На 9 декемвриПорталб.мк ги објави договорите, едниот од 2014 година, и вториот од 2021 година, во вкупна вредност на двата проекти од 9 милиони евра.

По соопштението на министерот Меџити, на 11 декември Порталб.мк повторно испрати прашање до портпаролката на министерот, Берна Шерифовска, за точниот датум кога е раскинат договорот, но повторно одговор не добивме.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Амнестијата за „Хашките случаи“ е направена во 2011 година од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

Во јули 2011 година Собранието со гласовите на тогашното владејачко мнозинство изгласа амнестија за четирите „Хашки случаи“. Тогаш парламентот со 63 гласа „за“ и 29 „против“ (опозициски пратеници) го усвои...