Мета факт: Го нема специјалниот закон за заштита на Водно ветен од Данела Арсовска

Градоначалничката Данела Арсовска во декември 2021 година на средба со граѓанските организации „Го сакам Водно“ и „О2“ вети дека Градот Скопје ќе иницира изработка на закон за да се подигне заштитата на Водно на повисоко ниво и со тоа да се спречи узурпацијата на земјиште и неконтролирана урбанизација на планината

-

Не е изготвен специјален закон за заштита на Водно, а парк шумата и понатаму останува Заштитен предел во категорија V, врз основа на одлуката на Министерството за животна средина. Градоначалничката Данела Арсовска во декември 2021 година на средба со граѓанските организации „Го сакам Водно“ и „О2“ вети дека Градот Скопје ќе иницира изработка на закон за да се подигне заштитата на Водно на повисоко ниво и со тоа да се спречи узурпацијата на земјиште и неконтролирана урбанизација на планината. Ова ветување не е исполнето.

„Итноста на состојбите налага да се донесе „Lex specialis“ закон за Водно, чија рамка е креирана, а во чие финално изготвување ќе учествуваат експерти и претставници на граѓанските здруженија. Важно е да се креира трајно решение со цел оневозможување на понатамошна узурпација на парк-шумата Водно“, рече Арсовска на 22 декември 2021 година по средбата со екологистите.

Сепак, речиси две години подоцна ова ветување сè уште не е исполнето.

Татјана Стојановска од иницијативата „Го сакам Водно“ вели дека во меѓувреме немале нова средба со градоначалничката Арсовска на оваа тема, но дека се во комуникација. Посочува дека и двете страни не се откажуваат од заложбите Водно да се заштити со закон, но дека постапката оди многу бавно.

„За жал нема поместувања од 2021 година досега. Законот за Водно не е готов, нема ниту формирано тело кое ќе работи на негова подготовка. Сè уште се бараат и начини како законот би се поднел во Собрание“, вели Стојановска.

Екологистите беа против степенот на заштита на скопската парк-шума која ја предложи и ја финализираше Министерството за животна средина како заштитен предел од петта категорија. Тие бараа закон, во кој ќе бидат земени во предвид сите аспекти на заштитата на планината, но и на Скопје, не само според законот за природа. Тука пред сè се вклучуваат заштитата од ерозија и поројни поплави, но и улогата на Водно како место за рекреација на жителите и како бели дробови на Скопје, град што има исклучително загаден воздух.

Стојановска вели дека во моментов има делови од планината кои не се заштитени со ниту еден акт, бидејќи не влегуваат ниту во Генералниот урбанистички план, ниту во заштитеното подрачје. Опасноста да се намножат дивоградби на тој простор е голема, а колку подолго се чека, толку потешко ќе биде да се санираат последиците.

„Мислам дека сега е вистинскиот момент да се реши ова прашање. Градот Скопје работи на нов ГУП, а градоначалничката Арсовска ја поддржува идејата за повисока заштита на Водно. Тоа мора да се искористи и да се изработи законот и белите дробови на Скопје да добијат вистинска заштита“, вели Стојановска.

Мета.мк на 18 август, на 5 септември и на 7 септември преку електронска пошта испрати прашања и до Градот Скопје за да добие информации дали е веќе иницирана постапката за изработка на специјален закон за Водно, по изјавите на градоначалничката Данела Арсовска пред две години дека ќе се заложи за повисока заштита на Водно, а ако не е започната постапката, кои се причините за ова, но одговори од Град Скопје не добивме.

Врз основа на актуелните одговори коишто ги добивме од иницијативата „Го сакам Водно“ за тоа до каде е изработката на Законот за заштита на Водно којшто го вети градоначалничката Данела Арсовска во декември 2021 година, може да заклучиме дека ова ветување на градоначалничката е неисполнето до денешен ден.

 

ИЗВОРИ:

Република.мк (21.12.2021 година) Арсовска: Потребен е закон за Водно како трајно решение со цел оневозможување на понатамошна узурпација, проверено на 01.09.2023 година;

Макфакс.ком.мк (22.01.2022 година) Градот Скопје иницира предлог-закон за заштита на Водно, проверено на 01.09.2023 година;

Мета.мк (16.02.2022 година) Граѓанските организации очекуваат брзо да се изработи специјалниот закон за заштита на Водно, проверено на 01.09.2023 година.

Владата ја донесе Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028 година

Денеска, на прес-конференција во Владата, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, официјално ја претстави Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028 година, стратешки патоказ за зајакнување на отпорноста и безбедноста на државата...

170 жени годишно заболуваат од рак на грло на матка, болеста може да се спречи со вакцинација

Според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во Македонија се забележува дека бројот на нови случаи за 2022 година со рак на грлото на матка изнесува 173, а бројот на...

СЕММ: Најмногу жалби за онлајн медиумите, најчесто се прекршува првиот член од Кодексот на новинари

Најголем дел од жалбите кои лани стигнале до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), се однесуваат на интернет порталите - за онлајн медиумите минатата година...

Директорот на „Блекрок“ не рекол дека „целта на депопулацијата е да се замени човечкиот труд со ВИ“

Вистиномер рецензираше објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и во описот пишува: 15.01.2025 Извршниот директор на BlackRock објаснува како вистинската цел на депопулацијата е полесно да се замени човечкиот труд со вештачка...

Владата ја донесе Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028 година

Денеска, на прес-конференција во Владата, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, официјално ја претстави Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028 година, стратешки патоказ за зајакнување на отпорноста и безбедноста...