fbpx

Меркел е загрижена поради кризата на македонско-грчката граница

-

Претстојниот самит ЕУ – Турција е уште позначаен сега откако е влошена ситуацијата на грчко-македонската граница, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел, пренесе агенцијата „Анадолу“.

На заедничката прес-конференција со хрватскиот премиер Тихомир Орешковиќ во Берлин, Меркел ги критикуваше едностраните мерки што ги презедоа неколку држави за да го запрат протекот на мигрантите, што ја довело Грција во многу тешка состојба.

Германската канцеларка рече дека решение за проблемот може да се постигне само ако се дејствува колективно.

„Секогаш велев дека едностраните одлуки не помагаат. Ние како 28 земји членки на ЕУ, треба да се согласиме за заеднички мерки“, рече Меркел.

Таа предупреди дека едностраните мерки можат да предизвикаат наоѓање на нови рути и нестабилност во регионот.

„Од овие причини верувам дека самитот на ЕУ што треба да се одржи в понеделник е повеќе од итен“, рече Меркел.

Таа додаде дека на првиот дел од самитот ќе учествуваат турскиот премиер Ахмет Давутоглу и лидерите на 28 земји членки на ЕУ, за да се разгледа напредокот во спроведувањето на акциониот план за кој ЕУ и Турција се согласија во ноември минатата година.

„Во вториот дел од самитот ќе се занимаваме со тешката ситуација во Грција“, рече таа.

Илјадници бегалци и баратели на азил неделава останаа заглавени на грчко-македонската граница откако земјите по должината на балканската рута кон Европа ги зголемија ограничувањата.

Во последните неколку недели Австрија воведе строги ограничувања на приливот на баратели на азил, што предизвика домино-ефект низ целиот Балкан, како и жестоки критики од другите членки на ЕУ и од агенциите за бегалци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.