fbpx

Маж и жена повредени при руското бомбардирање на Украина, наклеветени дека „глумат жртви“

-

Не е точно дека мажот и жената кои се прикажани на видеото во постот се „жртви глумци“. Станува збор за преживеани од руското бомбардирање на Украина. Фотографии од овие преживеани лица беа објавени на насловните страници во бројни светски медиуми, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Украина, жртви, глумци. Прво селфи, па одиме на работа.

Во склоп на постот, споделен е видеоматеријал на кој се гледаат маж и жена, кои имаат завои на главата и траги од крв на облеката. Во кадарот се гледаат и полициска лента, фоторепортери и лице во униформа кое се наоѓа веднаш до жената. Таа му се обраќа на еден од присутните, да ја фотографира со мобилниот телефон.

Наспроти невистината изнесена во постот, дека се работи за глумење, личностите на видеото навистина се повредени во рускиот напад.

Фотографии, на кои се наоѓаат мажот и жената од видеото во постот, се објавени во бројни светски медиуми. Не станува збор за никаква глума. Тоа што жената во видеото бара некој од присутните да ја фотографира, не е за потребите на некаква „сцена“.

На следниот линк можете да погледнете сторија објавена на веб-страницата на Асошиејтед прес на 10 октомври 2022 година. Во склоп на сторијата објавени се неколку фотографии, на кои се прикажани мажот и жената од видеото во постот што го рецензираме, со крв на телото и завој на главите. Во написот на Асошиејтед прес се вели дека во понеделникот Русија се одмазди за нападот на Кримскиот мост, на начин што бомбардираше најширок опсег на објекти, а цел на овие критични напади биле цивили, срушени се системи коишто го снабдуваат Киев со струја и вода, разурнати се згради и најмалку 14 лица загинале.

Службата за катастрофи и несреќи на Украина изјавила дека речиси 100 луѓе се повредени во нападите коишто  ги спроведе Русија, и тоа по копнен и по воздушен пат во најмалку 14 региони, во опсегот од Лвив на запад, до Харкив на исток. Повеќето од нападите се случиле далеку од линиите на фронтот.

Иако Русија наведе дека проектилите целеле кон воени и енергетски објекти, некои од нив завршија во области каде имаше цивили, додека луѓето беа упатени на работа и на училиште. Еден проектил погоди детско игралиште во центарот на Киев, а друг погоди универзитет.

Нападите предизвикаа голем дел од земјата да биде без електрична енергија, што ги принуди украинските власти да побараат од своите граѓани да штедат струја и објави дека ќе престане да извезува струја за Европа од вторник па натаму. Недостатокот на електрична енергија честопати влијае на тоа луѓето што живеат во Украина да немаат ни вода, со оглед на тоа што системот се потпира на струјата за да може да работат пумпите и другата опрема. Андриј Јермак, виш советник на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за Асошиејтед Прес изјави дека нападите немале практична воена смисла и дека целта на Русија е да предизвика хуманитарна катастрофа.

Претседателот на Русија, Владимир Путин, рече дека неговите сили таргетирале клучна енергетска инфраструктура со прецизно оружје како одмазда за тоа што тој тврди дека е  „терористички напад на Киев“, осврнувајќи се на украинските обиди да ја ублажат московската инвазија, вклучително и нападот на клучниот мост меѓу Русија и анексираниот Крим. Според Путин, нападот на мостот бил дело на украинските специјални служби. Тој вети тежок и пропорционален одговор доколку следните напади од Украина се закана за безбедноста на Русија.

Во нападот на Русија врз Украина од понеделникот (10.10.2022), оштетени се 70 инфраструктурни точки, од кои 29 се критични. Погоден беше Шевченковскиот реон во Киев, во кој се наоѓа историскиот стар град и владините канцеларии. Погоден беше и делот во близина на срцето на Киев, каде се наоѓаат парламентот и другите поголеми знаменитости.

Нападите ги испратија граѓаните од Киев и Харкив во скривници, од кои дел беа сместени на станици од подземни железници.

Токму ова е контекстот во којшто е снимено видеото коешто се споделува  во постот. Не станува збор за актери, туку за луѓе од Киев кои штотуку преживеале бомбардирање!
На следниот линк, објавени се 12 фотографии, а на дел од нив ги има и мажот и жената кои имаат завои на главата. Фотографиите се на фоторепортерот на Асошиејтед Прес, Ефрен Лукатски.
За една од фотографиите, описот е следниот:
„Луѓе добиваат медицинска помош на лице место по руското бомбардирање во Киев, Украина, во понеделник, 10 октомври 2022 година. Руските проектили, кои паѓаа во понеделникот во градовите ширум Украина, донесоа страв и деструкција во области кои што беа релативно мирни со месеци. Тоа е ескалација на војната на Москва против соседот. Но, воените аналитичари велат дека е далеку од јасно дали нападите претставуваат пресвртница во војната која уби илјадници Украинци и примора милиони да избегаат од своите домови.“
Во следната фотографија, на која се наоѓа истата жена од видеото, пишува дека таа е повредена после руското бомбардирање на Киев, во понеделникот 10 октомври 2022 година. Две експлозии одекнаа во Киев рано изутрината во понеделникот, после неколку релативно мирни месеци во украинскиот главен град.
И на следната фотографија од Асошиејтед прес пишува дека повредена жена добива медицинска помош по бомбардирањето врз Киев.
Тоа што жената на фотографијата која е повредена, бара од некој присутен да ја фотографира, не претставува доказ дека таа е актерка и дека глуми повреда. Таквото тврдење е спин.
Не е точно дека мажот и жената, кои се прикажани на видеото во постот се жртви глумци. Станува збор за преживеани од руското бомбардирање на Украина. Фотографии од овие преживеани лица беа објавени на насловните страници во бројни светски медиуми. Поради сите горенаведени факти, постот  го оценуваме како невистинит.
Не е првпат руските напади врз Украина да се третираат со банални и  неосновани обвиненија и тоа кон жртвите. Така и порано, пропагандно се инсинуираше дека жртва на руските напади врз Украина е „уметница од трансатлантскиот печат“. Вистиномер го поби тоа лажно тврдење и тој текст може да го прочитате овде.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...