Матура да се полага на 3 јуни наместо на 27 мај, бара Средношколскиот сојуз

Сојузот бара промена и на соодносот меѓу поените што ги носат испитите од државната матура

Фото: Мета.мк

Полагањето на првиот екстерен испит да се одржи на 3 јуни наместо на 27 мај, бараат претставниците на Сојузот на средношколци. Оттаму сметаат дека оваа промена треба да се однесува само на првиот екстерен испит, односно сите останати испити да си останат во веќе предвидените датуми. Денеска се одржала седница на Генералното собрание на Сојузот, на кое биле усвоени вкупно четири барања до надлежните во однос на државната матура.

Инаку, Државниот испитен центар (ДИЦ) пред неколку недели ги објави датумите за полагање на испитот на зрелоста.

Сојузот бара промена и на соодносот меѓу поените што ги носат испитите од државната матура.

„Бараме да има коефициенти за екстерните испити при упис. Моменталниот модел на упис на универзитетите во земјава предвидува оценките од свидетелствата да носат најмногу 60 поени, а останатите 40 поени произлегуваат од оценките добиените на државната матура. Сега екстерните испити носат најмногу 24 поени, интерните испити носат најмногу 12 поени, а проектната задача носи максимум 4 поени. Имајќи ги предвид состојбите во образовниот систем и прекините во наставниот процес на оваа генерација, Сојузот предлага да се промени соодносот, т.е. екстерните да носат 20 поени, интерните 16 поени и проектната задача да носи 4 поени“, се вели во соопштението на Сојузот.

Тие бараат и Владата да им препорача на сите универзитети во земјава, да овозможат бодување на соодветните предмети при упис. На пример, ако некој матурант сака да се запише на Англиски јазик и книжевност, при упис да се земат предвид бодовите по овој предмет од државната матура.

„Исто така бараме наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред денот на испитот. Бројот на прашања во банките да биде три пати поголем од бројот на прашања на испитот. Сојузот смета дека овие четири барања се во интерес на сите средношколци. Ја
известуваме јавноста дека овој допис ќе го доставиме до Владата, Министерството за
образование и наука и Државниот испитен центар“, велат оттаму.

Инаку денеска претставници на Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС), протестираа пред МОН, од каде побараа од надлежните да го скратат матурскиот материјал и точно да им кажат што од материјалот треба да учат.