Маск предложи борбата во кафез меѓу него и Закерберг да се емитува во живо на „Х“

Доколку борбата се случи, фаворит за победа, според спортските обложувалници, е Марк Закерберг

фото: Wikimedia Commons / колаж

Борбата во кафез на која се согласија сопственикот на Твитер (сега „Х“), Илон Маск и на Мета, Марк Закерберг, ќе биде пренесувана во живо на социјалната мрежа „Х“. Ова го најави Маск кој рече дека приходите што ќе се соберат ќе бидат донирани за ветераните.

Објавата на Маск ја сподели и извршната директорка на Твитер, Линда Јакарино, која напиша дека ќе го „исчисти својот календар“.

Според Закерберг, Маск треба допрва да ја потврди својата достапност за борбата што треба да се случи подоцна месецов, јавува „Врџ“. Како датум за одржување на борбата, Закерберг го предложил 26 август.

„Подготвен сум денес“, напиша извршниот директор на Мета во неделата.

 

Post by @zuck
View on Threads

 

Како одговор на објавата на Маск дека борбата ќе биде стримувана во живо на „Х“, а приходите ќе бидат наменети за добротворни цели, Закерберг напиша дека треба да користат „посигурна платформа“ која всушност може да собере пари за добротворни цели. Фејсбук и Инстаграм имаат вградена функција за собирање средства, додека Твитер, односно „Х“, нема.

Предлогот за борба во кафез датира од јуни, кога двајцата милијардери преку серија објави на своите социјални мрежи се согласија да се борат.

По ова, се појавија фотографии од Маск кој тренира со Лекс Фридман, компјутерски научник и борач во бразилско џиу-џицу, како и со шампионот на УФЦ, Џорџ Сент Пјер.

Закерберг, пак, објави фотографија на која се гледа дека исто така тренира со двајца УФЦ шампиони и тоа со Израел Адесанја – шампион во средна категорија, инаку државјанин на Нигерија и Нов Зеленд и со Австралиецот со македонско потекло Александар Волкановски кој е носител на титулата во лесна категорија.

Разговорите за борбата започнаа откако Марк Закерберг ја најави социјалната мрежа Тредс, која наликува на Твитер.

Останува нејасно дали борбата во кафез ќе се одржи, а доколку се случи, според обложувалниците, фаворит е Закерберг кој е виден како тренира, па дури и победува во борби со мешани боречки вештини.