Манипулативна објава ја оправдува руската агресија

Кремљ ги индоктринира младите луѓе во градот. Училиштата и градинките беа повторно отворени според рускиот наставен план, а украинскиот јазик беше забранет

Фото: ukrinform.net

Објавата што ја анализираме содржи низа манипулации и невистини, прикажувајќи ги Русите како некои херои кои се бореле за парче земја, како тоа да е нивно, притоа не спомнувајќи ги катастрофалните штети и илјадниците цивилни жртви кои ги претрпе Мариупол поради руската агресија. Исто така, објавата не го спомнува ниту тешкиот живот на луѓето останати во овој град туку манипулира дека тече „мед и млеко“. Објавата неточно тврди и дека Македонците ја изгубиле својата држава. Северна Македонија е независна и суверена држава со непроменети граници, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на Фејсбук која ја оправдува руската агресија врз Украина користејќи манипулативен наратив и правејќи сосема несоодветна паралела со нашата држава.

За време на борбите во Украина, кога беа разрушени до темел некои градови, многу луѓе прашуваа зошто воопшто војуваат Русите кога ништо не остана на тоа парче земја. Страшна работа е колку им е на ниско ниво и свеста и разумот на тие луѓе, но се флагрантен пример зошто ние изгубивме држава, а не пруживме ни најмал отпор. Ретардирани створења, за ТОА ПАРЧЕ ЗЕМЈА е борбата, а не за тоа што е изградено натоа парче земја. Видеото е почеток на ова школска година, во МАРИУПОЉ. Ниту училиштето, ниту една од околните згради постоеше кога Русите го заземаа Мариупољ, а сега постојат. Борбата е за парче земја, за неа се гине, која ние како генерација Македонци секојдневно дозволуваме да губиме “педа по педа” и дури не правиме ни муабет за тоа, мислејки дека со тоа игнорирање ќе ја смениме реалноста. Или пак до толку сме пи**етини па се тешиме дека само помалку ќе боли таа реалност, ако ја игнорираме, стои во објавата што ја анализираме.

Притоа се изнесуваат неколку лажни и манипулативни тврдења. Но, да одиме по ред.

Се споделува видео од училиште во Мариупол, кој е под руска окупација, фалејќи ги Русите како го изградиле градот, а не спомнувајќи ги илјадниците цивилни жртви.

Мариупол е украински град кој претрпе убедливо најголемо уништување на самиот почеток на руската агресија. Тој, на пример, лани на 2 март беше под 14-часовно гранатирање од страна на руската војска, а тоа го потврдија локалните украински власти. Загинаа стотици цивили. На 10 март (2022) беше гранатирана и детска болница во Мариупол за што потврда дојде од украинскиот претседател Володомир Зеленски и од началникот на регионалната воена администрација, Павло Кириленко. Повеќе за нападите врз Мариупол можете да прочитате тука.

Тешко е дефинитивно да се каже колку луѓе престојуваат во Мариупол. Пред почетокот на руската инвазија, овде живееле скоро 430.000 луѓе. Сега, според советникот на градоначалникот на Мариупол, Петро Андриушченко, во градот останале околу 90.000 жители, од кои 65.000 се пензионери. Други или станале бегалци (околу 350.000 луѓе), или биле убиени.

Според градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко, од почетокот на инвазијата, руските напаѓачи оштетиле 2.208 станбени згради. Од нив, 50 отсто (што е повеќе од 1.100 куќи) биле уништени.

Сега ги рушат, оставајќи јами и купишта камења. Веќе се разрушени 282 висококатници, а окупаторите планираат да урнат околу 700 куќи, изјавил градоначалникот (јуни 2023).

За тоа каков е животот сега во Мариупол говорат сведоштвата на жителите на градот, кои ги пренесува Гардијан. Во серијата анонимни интервјуа за Гардијан, луѓето рекле дека Мариупол е трансформиран во мрачна верзија на Советскиот Сојуз, откако пред една година последните украински бранители, затрупани во челичарницата Азовстал, им се предадоа на руските војници.

Во меѓувреме, Кремљ ги индоктринира младите луѓе во градот. Училиштата и градинките беа повторно отворени според рускиот наставен план, а украинскиот јазик беше забранет.

Перењето на мозокот е многу силно, рече едно лице. На децата им велат дека рускиот претседател е најдобар, а Украина е полна со лоши луѓе и фашисти. Тоа е како СССР. Има нереални, чудни пароли. Само математиката и физиката се непроменети, пренесува Гардијан сведоштва.

Не е доволно само да се каже дека Русите градат во Мариупол, туку треба да се спомне и злосторот кој тие го направија врз овој град и начинот на кој луѓето живеат таму.

Понатаму, објавата вели дека  ние сме ја изгубиле нашата држава и дека Македонците секојдневно дозволувале да губат педа по педа. Ваквото тврдење е неточно, бидејќи Македонците имаат држава и Северна Македонија постои како независна и суверена држава. Границите на С. Македонија не се променети, ниту, пак, некој ни земал парче земја. Ова е чиста dezinformacija. Тврдењата дека сме ја изгубиле државата не се поткрепени со никаков факт, туку само се искажани од памет.

Објавата што ја анализираме содржи низа манипулации и невистини, прикажувајќи ги Русите како херои кои се бореле за парче земја, како да е нивно, притоа не спомнувајќи ги катастрофалните штети и илјадниците цивилни жртви кои ги претрпе Мариупол поради руската агресија. Исто така, објавата не го спомнува ниту тешкиот живот на луѓето останати во овој град, туку манипулира дека тече „мед и млеко“. Објавата неточно тврди и дека Македонците ја изгубиле својата држава. С. Македонија постои како независна и суверена држава со непроменети граници. Поради сето ова објавата што ја анализираме ја оценуваме како неточна.

hubmk