Изборниот штаб на независниот кандидат на претседателските избори во Франција, Емануел Макрон, соопшти дека тој е жртва на голема и координирана хакерска операција. Имено, голем број на меилови од кампањата биле објавени на интернет на еден ден пред одржувањето на вториот круг на претседателските избори.

Странските медиуми јавуваат дека околу девет гигабајти податоци биле објавени на веб-страницата „Пејтсбин“, која овозможува споделување на документите кои анонимно се објавени.

Изборниот штаб на Макрон исто така соопшти дека пред неколку недели биле украдени автентични документи кои притоа биле измешани со лажни документи за да предизвикаат сомнеж и дезинформации.

Портпаролот на министерството за внатрешни работи на Франција изјави дека нема да го коментира наводното хакирање на меиловите на Макрон, бидејќи кампањата е завршена.

Вториот круг на претседателските избори во Франција ќе се одржи утре (7 мај), а во трка се лидерката на ултрадесницата, Марин ле Пен, и проевропски ориентираниот претседателски кандидат, Емануел Макрон.