Македонската е-спорт асоцијација најави онлајн турнир од први до петти јули

Македонската е-спорт асоцијација го организира вториот онлајн турнир оваа година во популарната видео игра “Counter Strike: Global Offensive”. Натпреварувањата започнуваат од 1 јули и ќе траат до 5 јули, со борба помеѓу најдобрите домашни тимови. Преносот на овој турнир ќе оди во живо на најпознатата платформа за стриминг на видео игри „Твич“.

„Гејминг и еспорт сцената имаат голем потенцијал да го олеснат секојдневието во овие уникатни периоди, покрај изворот на забава, видео игрите имаат и голема социјална моќ и можност да ги зближат луѓето. МЕСА со своите поддржувачи активно ја демонстрира оваа нова реалност и ја унапредува положбата која видео игрите ја имаат во македонското секојдневие. Моќта на гејмингот беше препознаена и од Светската здравствена организација која од почетокот на оваа година во соработка со популарни лица од гејминг сцената создаде интернет кампања под мотото #PlayApartTogether“ вели Константин Пејоски, претседател на Македонската е-спорт асоцијација.

Преносот на натпреварите во живо за време на работната недела, односно од среда до петок ќе започне од 18:00 часот, додека почетокот на стримот за викенд (сабота и недела) ќе започне од 11:00 часот. Победниците ќе бидат наградени преку поддршката од спонзорите на настанот: EU House и Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Нексио, Неотел, Галерија, Pizza Jakomo и GG.MK.