Две нови бесплатни игри за преземање на Epic Games: Homeworld Remmastered Collection и Severed Steel

Првата игра е стратегија со мултиплејер што е наменета за сите возрасти, а втората е инвентивна игра, со пукање, за возрасни играчи

Скриншот за промоција на игри од Epic Games

Во четвртокот беа објавени две нови бесплатни игри за преземање на Epic Games: Homeworld Remastered Collection и Severed Steel. Првата е стратегија со мултиплејер што е наменета за сите возрасти, а втората е инвентивна игра, со пукање, за возрасни играчи.

Homeworld Remastered Collection е најнова верзија на старата игра, со ист наслов, и е една од најдобрите вселенски игри, но сепак не може да се мери со најновите како Starfield.

Погледнете го трејлерот за играта:

Homeworld Remastered Collection го зема образецот од научната фантастика за патување на огромни дистанци со генерациски бродови. Затоа и главниот најголем вселенски брод наречен ‘The Mothership’ мора да се брани, бидејќи во крио комори ја носи цела популација луѓе до следната планета која треба да биде нов дом за земјаните – токму оттаму произлегува и името, Homeworld. Во случајов, станува збор за голем вселенски брод, откопан во пустина, а најден е камен на кој има ѕвездена мапа за друга планета на која можат да се населат луѓето.

За накратко да го објасниме овој образец би го цитирале Ајнштајн, дека „најголемата брзина во Универзумот е брзината на светлината“. Но, и да се достигне тоа во случајов би било бавно патување до други планети и ѕвездени системи со услови за живот слични како на Земјата. Затоа најдоброто решение се генерациските бродови кои можат да се самоодржуваат додека трае патувањето и да се сменат многу генерации луѓе за да се достигне целта. Во научната фантастика има многу теории за интерстеларно патување, но најексплоатираниот пример патувањето низ црни дупки до друг универзум (што во реалноста е невозможно). Во реалноста, црните дупки во вселената, за жал, не се портали низ мултиверзуми и колку што можеме да опсервираме и измериме, астрономски, тие се специфични појави за колапс на одредени ѕвезди. Тие имаат огромно гравитационо поле што секоја материја би ја претворило во т.н. „шпагета“, бидејќи ако ѝ се влезе во главното гравитационо поле се’ повлекува како спирала кон центарот и создава материја потенка и од најтенкото влакно кон центарот, а привлечената материја се компресира и на тој начин може да умртви и вселенски брод со патник.

Или на пример, според тоа како фунционира вселенскиот вакуум во кој не се пренесува звук, не би можеле да се слушнат ниту ласери, торпеда или проектили ниту пак звукот на мотор од вселенските бродови и летала, а во игрите тоа е додадено како ефект. Во играта има различни видови вселенски летала и бродови, од најмали до најголеми, но исто така има и собирање на ресурси, како на пример „вселенско рударење на астероиди“.

Играта се одвива во тридимензионален простор, што може „да го вртите“ за да ја менувате гледната точка.

Интересно е што во играта локацијата на новата планета е на работ од Млечниот пат, каде што се наоѓа и планетата Земја – на работ, а не во центарот на галаксијата. Според реномирани астрономи како Нил Деграс Тајсон и Карл Саган, во центарот на нашата галаксија има огромна црна дупка. Во играта има и „скок во хиперспејс”, што е еден вид телепортација од една локација на друга далечна локација. Слично како и со црните дупки, ова не е научно остварливо, со оглед на тоа што „скокот во хипервселена“ е базиран на „црвоточини“ и скратени патишта кои во реалноста не се изводливи. Исто така и правилото дека во вакуумот на вселената не треба константна употреба на мотори за пропулција, односно доволен е само иницијален импулс, во оваа игра, повторно поради ефект, внесена е целовремена употреба на моторите на леталата, односно мотори кои нон стоп „согоруваат” додека се движи леталото.

Играта е одлична стратегија на тема вселена и може на играчите да им создаде љубопитство за нови познавања од астрономијата.

Severed Steel е релативно понова игра излезена 2021 година што потсетува на неколку игри и тоа, Ghost Runner серијалот за преспективата, Cyberpunk 2077 за темите и колоритноста како и контекстот, Doom серијалот за употребата на „иконските шатгани“, Quake поради брзината на играта и серијалот Max Payne поради „булет-тајм“ ефектите за пукање во успорено време, што е употребено и во Matrix игрите.

Акцијата во играта е мошне динамична и доста забавна, со напомена дека оваа игра е наменета за возрасни и знае да биде, народски кажано, заразна. Повеќемина ја играат играта поради гејмплејот.

Овие две игри имаат редовни цени од 32 евра за Homeworld Remastered Collection и 25 евра за Severed Steel, но до следниот четврток, 03.08.2023, можат да се преземат бесплатно на Epic Games.

Сè што треба е да направите акаунт на Epic Games и да ги преземете, со напомена дека за да ги преземете игрите не мора да ги инсталирате – доволно е само да направите “Claim”, по што ќе ви стигне порака на електронската пошта дека играта е во вашата „библиотека” на игри и ќе ги имате засекогаш. Понатаму, можете да ги инсталирате кога сакате.