Кавга за пенали во финалето на Светското првенство во ФИФА е-спорт

Притискањето на копчињата на контролорот на еден од финалистите било прикажувано низ целата арена во Ријад, Саудиска Арабија, каде што се одржа финалето

фото: @jeshoots на Unsplash

Контроверзии го засенија резултатот од финалето на Светското првенство во ФИФА е-спортот, при што изби расправија откако Марк Захари – познат како „Mark11“ загуби од Мануел Бачур -„Bachoore“, на пенали.

Тимот на Марк, Футвиц, тврди дека тој се обидел да ја прекине играта бидејќи неговите внесувања на контролорот биле видливи на големиот екран, откривајќи каде цели при шутирањето, јави Би-би-си.

Играта ФИФА 23 има опција која овозможува прикажување на командите што ги задава играчот преку контролорот. Тоа значи дека притискањето на копчињата на Марк било прикажувано низ целата арена во Ријад, Саудиска Арабија, каде што се одржа финалето.

Тимот Футвиц тврди дека Марк три пати се обидел да ги извести судиите за тоа и да побара од нив да ги рестартираат пеналите, но на крај загуби од Бачур со 4-5.

Марк за Би-би-си изјавил дека одвлекувањето на вниманието влијаело ментално врз него.

„Милиони луѓе можеа да видат каде целам, искрено не знаев што правам во тоа време“, изјавил Марк, додавајќи дека не е импресиониран од начинот на кој организаторите се справиле со ситуацијата.

Организаторот на првенството, ФИФА, рече дека снимката била прегледана подоцна, при што било утврдено дека немало конкурентна предност за време на натпреварот.

Во соопштението на ФИФА се вели дека на играчите им било укажано оти нивните внесувања на контролорот може да се емитуваат на големите екрани доколку самите ја овозможат таа опција. Се додава дека иста ситуација се случила и за време на едно од полуфиналињата, но тогаш не била покрената никаква загриженост.

Противникот на Марк, Мануел, вели дека воопшто не знаел оти контролите на опонентот се гледаат на екранот и дека само слушал звуци во заднина.

„Ако сакав, можев да погледнам, но ако го сторев тоа веројатно ќе бев дисквалификуван“, изјавил Мануел.

Првенството се одржа од 6 до 19 јули во Саудиска Арабија. Победникот Мануел освои рекордна награда од 300.000 долари, додека второпласираниот Марк замина дома со 150.000 долари.