Работна група од Управата за јавни приходи и Министерство за финансии разгледуваат на кој начин ќе се врши поврат на данокот на додадена вредност (ДДВ) на граѓаните, кој премиерот Зоран Заев најави дека ќе стартува од 1 јули годинава.
„УЈП и Министерство за финансии уште од лани прават анализи. Во одредени држави овој проект се спроведува не целосно и не како што ние сме го замислиле. Разгледуваме споредбени искуства на кои производи, до кој износ да лимитираме за враќање на ДДВ“, изјави Лукаревска.
Таа додаде дека предлогот на Заев со враќање на ДДВ преку телефон ќе биде за една целна група, но се бараат можни решенија за кои дополнително ќе се излезе со детали.
Според Лукаревска на овој начин секој граѓанин ќе биде инспектор односно ќе купува од таму каде што се издаваат фискални сметки, за да има поврат на ДДВ од 15 проценти.