fbpx

Лицата без државјанство конечно станаа видливи за системот: Кои се новите законски измени?

Мемет беше погребан, а речиси во исто време Собранието ги изгласа измените во Законот за матична евиденција, според кој секое дете родено на територијата на државата ќе има право на упис во матична книга на родени веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители

-

Неусогласениот систем на размена на податоци на институциите, големиот број бирократски процедури и лошо креираните закони доведоа до тоа над 700 лица во земјава да немаат државјанство. Во јавноста често нарекувани како лица „фантоми“, овие луѓе немаа пристап до основните човекови права – здравствено осигурување, поседување лична карта и користење социјална помош до отворање трансакциска сметка. Чашата ја прели случајот со Мемет Камбер, 19-годишното момче кое минатиот месец почина поради недијагностициран дијабет, бидејќи тој немаше можност да добие здравствено осигурување и првпат отиде во болница кога здравствената состојба видно му се влошила, и тоа со туѓа здравствена книшка. Дури и по смртта, момчето не можеше да биде погребано бидејќи немаше лични документи, па процедурата траеше повеќе од три недели.

Вчерашниот ден го обележаа два настана – Мемет беше погребан, а речиси во исто време Собранието ги изгласа измените во Законот за матична евиденција. Со овие измени, секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија ќе има право на упис во матична книга на родени веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето на детето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители.

Од Институтот Ромалитико, кој долго време се бореше за донесувањето на овие законски измени, а беа најавени и протести, за Мета.мк објаснуваат што точно се очекува во иднина.

„Според новите измени секое дете родено на оваа територија ќе може да добие извод од матична книга на родени. За утврдување на времето и местото на раѓање на детето/лицето ќе може да се приложи картон за вакцинација, медицинска потврда за возраста на детето или истото ќе може да се направи со изјава дадена на нотар од двајца сведоци. Тоа што е значајно е да има добра применливост на законските одредби, добра запознаеност на вработените со измените и усогласување на измените со сите потребни акти“, вели Марија Сулејманкова од Ромалитико.

УНХЦР, Агенцијата за бегалци на ОН исто така го поздрави усвојувањето на законските измени, оценувајќи го како најнов чекор во низата мерки кои властите ги преземаат за да го спречат и решат бездржавјанството.

„Донесувањето на измените на Законот за матична евиденција е важен чекор кон остварувањето на меѓународните обврски на државата. Овој напор на целото општество го трасира патот на државата да стане првата држава во Европа и втората во светот која ќе го искорени бездржавјанството“, изјавија од УНХЦР.

Каде кочеше системот?

Подолго време работна група работеше на изготвување законско решение за неевидентираните лица во матичната книга на родени. Оттаму пред неколку месеци потенцираа дека има две пречки поради кои не може да се имплементира постоечкиот закон. Првиот проблем беше интегрираниот систем на размена на податоци меѓу институциите, кој не овозможуваше препознавање на регистарскиот број за тој да влезе во системот за размена на податоци. Вториот проблем беа банките, односно лицата без државјанство имаа идентификациона исправа на МВР, но банките не го препознаваа овој број и не можеа да им отворат трансакциски сметки.

Овој евиденциски број што го издава Управата за водење матични книги ги немаше карактеристиките на ЕМБГ и не можеше да биде препознаен во интегрираниот систем на државата. За Фондот за здравство, спорен беше и членот од законот кој предвидуваше дека овие исправи се издаваат во хартиена форма, а не во електронска.

„Доколку некое лице дојде во Фондот да се стекне со право на здравствено осигурување и ги приложи изводот и идентификационата исправа, службеникот во Фондот не ќе може да го внесе во системот за да може да ги оствари правата. Доколку се прифатат хартиените документи, се издаде решение врз основа на кое ќе се утврди својството на осигурено лице тоа решение повторно ќе биде неспроведливо од причина што осигуреникот неинтегриран во системот нема да може да избере матичен лекар, да подигне лекови во аптеките ниту да се упати на повисоко ниво на здравствена заштита“, изјави пред неколку месеци Јасмина Смилевска, раководител на сектор во Фондот за здравство кога се дискутираше за законските измени.

Освен ова, лицата без државјанство немаа ниту каде да побараат помош. Иако Македонија има Закон за бесплатна правна помош со кој е предвидено да се обезбедува бесплатна правна помош на ранлива категорија лица кои се во социјален ризик и немаат средства да си ја обезбедат истата, одредбите од овој закон беа неприменливи врз случаите на овие лица.

Повеќе од 700 лица – „фантоми“ ќе добијат „лик“

Пратеничката Соња Мираковска, координаторка на работната група за измени на Законот за матични евиденција, за Мета.мк објаснува дека наоѓањето решение за 700 случаи на лица без државјанство бил долг и обемен процес и дека допрво треба да следува имплементацијата. Таа очекува до октомври да биде завршени целиот процес на впишување на овие лица во матичната евиденција.

„Овие 700 лица се оние кои беа најпроблематични. Станува збор за лица кои во 2017 година беа регистрирани во посебен евидентен лист, но немаа никакви документи, а постојниот закон не нудеше адекватни решенија. По донесувањето на законските измени, работната група ќе продолжи да работи на имплементацијата, ќе почнеме од најтешките случаи и очекуваме до октомври, иако во законот е предвидено до декември, веќе да се заврши процесот“, вели Мираковска.

Бездржавјанството не е феномен само за државава, туку насекаде во светот. Тоа е состојба кога едно лице не е препознаено како државјанин од страна на ниту една држава, согласно националните прописи на истата.

Според последниот попис одржан во 2021 година, во Македонија како лица без државјанство се изјасниле 584 лица. Од друга страна, од вкупно 686 лица идентификувани на јавниот повик во 2018 и 2019 година, кои всушност се лица во ризик од бездржавјанство, едноцифрен број лица беа пренесени во редовната матична книга на родените и ним им беше решен проблемот.

Овие лица, според Глобалниот акциски план за ставање крај на бездржавјанството во Република Северна Македонија изработено од Здружението на млади правници, најчесто се родени во некоја од соседните балкански држави кои беа во составот на бивша СФРЈ (Србија, Босна и Xерцеговина, Косово, Хрватска и Црна Гора), но кои по распадот на Југославија и осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година, останале да живеат во земјава, но немаат регистрирано македонско државјанство ниту пак државјанство од земјата во која се родени или од која водат потекло по родителите.

„Исто така, не е мал бројот на лица кои се родени во Македонија, целиот свој живот живееле во државата, но не можат да добијат македонско државјанство поради тоа што водат потекло по еден или обата родители од некоја од бившите југословенски републики и поради фактот што нивните родители во моментот на нивното раѓање, поради недoстиг на правно знаење не регистрирале ниту државјанство од земјата на потекло, ниту пак државјанство“, велат од Здружението на млади правници.

Со проблемот на бездржавјанство често се соочуваат припадниците на ромската популација, посебно доколку нивните деца се родени во домашни услови (ова посебно важи за децата родени пред 2010 година), но исто така и во случаите кога родителите на детето не поседуваат важечки лични документи, како на пример извод од матична книга на родени/венчани и лична карта.

Според досегашните одредби, доколку родителите не го регистрираат раѓањето на своето дете во рокот утврден во Законот за матична евиденција (кој е 15 дена од моментот на раѓањето на детето) потребно е да поведат постапка за дополнителен упис на раѓање или лично име, и во прилог на барањето за упис да достават дополнителни документи како доказ. Исто така, посебен проблем настанувал доколку мајката на детето не е регистрирано и нема извод од матична книга на родените. Во тој случај, овие права ги нема ниту детето.

Во Законот за матична евиденција никаде не е децидно наведено задолжителното присуство на мајката за детето да биде запишано, меѓутоа во пракса доколку мајката на детето е почината, го напуштила детето или не живее во земјата, не постои начин и можност детето да биде регистрирано во матичната книга на родените.

Во нашата земја добивањето на државјанството на едно лице е врзано со добивањето на извод од матичната книга на родените, така што доколку едно лице не поседува извод од матична книга на родени и не е запишано во истата, тоа автоматски станува и лице без државјанство бидејки нема граѓанско правен идентитет.

Сето ова, според Здружението на млади правници, дополнително ја усложнувало целата постапка и доведувало до појава на бездржавјанство само поради нерегистрирање на раѓањето на детето и непоседување извод од матична книга на родени.

Од Институтот „Ромалитико“ велат дека сега се очекува непречена имплементација на законите, за лицата без државјанство да ги добијат своите права.

„Понатаму, за овие лица да можат да можат да добијат државјанство потребно е да имаме применливост и на измените и дополнувањата на Законот за државјанство направени во 2018 со кои измени е дадена можност државјанство да се добие со извод од матична книга на родени. Усвојувањето на закони е значаен чекор, тоа што следува е непречена имплементација“, вели Сулејмакова од Институтот Ромалитико.

Министерот Оливер Спасовски денеска одговарајќи на новинарско прашање рече  дека носењето на законските измени претставува решение на еден проблем кој практично ќе ја подобри и меѓународната позиција на Република Северна Македонија.
„Знаете дека ние сме потписници на Конвенцијата за лица без државјанство на Обединетите Нации и работејќи токму на остварување на оваа цел, ова е крупен чекор којшто е направен овој период“, истакна Спасовски и додаде дека благодарение на дебатата која што се разви во Собранието, заедно со институциите, направиена е измена на законот и на тој начин практично се решава проблемот со сите седумстотини лица кои ќе имаат можност да бидат запишани во матичната книга на родените и на тој начин да ги остварат сите права и обврски кои ги имаат како државјани. 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...