fbpx

Курти за Си-ен-ен: Западен Балкан би можел да биде ново руско „бојно поле“

-

Косовскиот премиер Албин Курти во интервју за Си-ен-ен посочи дека во однос на војната во Украина, Србија воопшто не е неутрална туку е на страната на Руската Федерација. Според Курти, постои загриженост дека Западен Балкан би можел да биде ново руско „бојно поле преку нивните „прокси“ елементи – Србија или Република Српска“.

Тој додаде дека на рускиот претседател порано или подоцна треба да му се суди пред меѓународен суд, наведувајќи дека Русија извршила воени злосторства врз цивили во Украина.

Курти смета дека НАТО треба повеќе да ѝ помага на Украина, а Косово ја поддржува оваа земја од почетокот на војната.

„Изразивме солидарност и восхит за издржливоста на украинскиот народ и раководство“, додаде Курти, велејќи дека Косово ја осуди руската инвазија.

Шефот на косовската влада потсети дека интервенцијата на НАТО го запре српскиот геноцид и НАТО е дел од историјата на Косово.

„Косово сè уште не е во НАТО, но НАТО е во Косово“, рече Курти, истакнувајќи дека првиот чекор на патот кон Алијансата е приклучување кон програмата „Партнерство за мир“.

Курти, исто така, во интервјуто за Си-ен-ен потсети дека српските сили – полиција, војска и паравоени формации „извршиле геноцид“ врз Албанците пред 23 години.

„Во тоа време од Косово беа протерани 860.000 Албанци – повеќе од 80 отсто од населението беше протерано од своите домови, имаме 20.000 жени и девојки кои беа силувани, повеќе од 12.000 невооружени цивили беа убиени и 120.000 куќи беа уништени или запалени“, рече тој.

Тој рече дека во тоа време НАТО интервенирал со цел „да се спречи геноцид“.

Курти оцени дека Русија не може да го спречи влезот на Косово во НАТО, но во исто време посочи дека четири членки на оваа алијанса не го признаваат Косово – Шпанија, Словачка, Романија и Грција.

„Се надевам дека ќе се премислат и ќе им се придружат на 26 други членки на НАТО кои го признаваат Косово и на тој начин ќе ни овозможат да станеме и членка на НАТО“, тврди Курти.

На прашањето на Си-ен-ен дали Косово е подготвено за сценарио каде Србија би можела да се бори против Косово, Курти рече „мора да бидеме внимателни“, наведувајќи ги српските бази околу Косово наброја дека во близина на Косово се стационирани вкупно 42 вакви бази. Но, Курти го спомена и зголемувањето на буџетот на Косово за КБС.

„Србија сака европски пари, руско оружје, кинески инвестиции и американска толеранција. Но, Србија не е неутрална. Србија е на страната на Руската Федерација и затоа мора да бидеме внимателни“, тврди Курти.

Тој подвлече дека Косово мора да биде многу внимателно бидејќи Србија „може да игра улога на застапник на Руската Федерација на Западен Балкан“.

Курти, исто така, нагласи дека три недели пред прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година, Гаспром купил најголем дел од акциите на српската нафтена индустрија, а шест месеци подоцна Русија ги „анектирала“ Јужна Осетија и Абхазија.

„Руското Министерство за одбрана има посебна канцеларија во рамките на Министерството за одбрана на Србија. Сега кога рускиот „блицкриг“ во Украина пропаѓа, ние сме загрижени дека тие може да се обидат да го прошират конфликтот и дека Западен Балкан би можел да биде ново руско бојно поле преку нивните „прокси“ елементи – Србија или Република Српска“, рече Курти.

Курти изјави и дека во регионот се води „хибридна војна“ и повтори дека Рускиот хуманитарен центар е стациониран во Ниш, односно како што рече, на само 100 милји од Приштина.

„Хибридната војна не е замена за војната, туку само нејзина подготвителна фаза“, додаде косовскиот премиер, повторувајќи дека Приштина е загрижена и претпазлива, но не и исплашена и затоа што партнери на Косово се САД, Велика Британија, Франција и Германија.

„Знаеме дека не се брани само народот на Косово, туку и НАТО, имајќи предвид дека НАТО е многу интегриран во безбедносната архитектура на нашата земја“, рече Курти.

На прашањето што прави Косово во борбата против хибридната војна, Курти повтори дека е зголемен буџетот на косовското Министерство за одбрана, но додаде дека во исто време се зголемуваат капацитетите на полицијата и разузнавачките служби и соработуваат со НАТО.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Пратеници, градоначалници, фирми, граѓани – Кој колку пари донирал за кампањата на претседателските кандидати?

Некој по 500 денари, некој по 100.000 денари, а некој по 300.000 денари. Донации за кампањите за претседателските избори пристигнувале од пратеници, градоначалници, членови на партии или пак преку...