Јаким Јовановски, од пробиштипското село Турско Рудари, за Мета.мк раскажува дека води бескрајна битка за да оствари елементарно човеково право. Бара да имаат вода без која често остануваат откако инвеститорот ДИС Енергија од Скопје на Шталковичка река гради мала хидроцентрала, но наместо да види решение како ехо го слуша само неговиот лелек.
Јовановски вели дека инвеститорот продолжува да ја гради хидроцентралата без да го одржи ветувањето дека ќе изгради соодветен бајпас од два километри кој би ја заменил водоводната инсталација што е уништена при изградбата на хидроцентралата и дека постојано ќе имаат вода.
„Нашиот лелек никој не го слуша, инвеститорот си гради, ние немаме вода за да наводнување на нашите ниви. Со денови остануваме без вода дома, ни мрзнат цевките во куќите. Инвеститорот наместо да го изгради бајпасот од два километри импровизорно постави некоја куса цевка која воопшто не е доволна за да имаме вода“, тврди Јовановски.
Листајќи низ документите рече дека има и броеви и штембили за секој документ што го дал во Министерство за животна средина и во бројни институции, „со потписи, со датуми, со сѐ“.
Според Јовановски, Општина Пробиштип уште во 2017 година дала негативно мислење за изградбата на хидроцентралата, но инвеститорот и покрај тоа, „во од“ додека градел си ги обезбедувал потребните дозволи за градба. Вели, немало одговор ниту од полицијата кога мештаните неколку пати пријавувале дека системот за наводнување е оштетен.
Од друга страна, пак, инвеститорот, ги демантира обвинувањата на Јовановски. Влатко Тоневски од ДИС Енергија Доо тврди дека водата која жителите на село Турско Рудари ја користат за наводнување од самата река е независна од хидроцентралата, дека цевководот е над хидроцентралата, а и дека во моментов не ја користат.
„Доколку во моментот немаат доволно вода, најверојатно се работи за намален водостој на реката. Во однос на питката вода, односно онаа која ја користат домаќинствата, бајпасот е веќе направен. Ставено е поквалитетно и подолготрајно црево, коешто е посоодветно решение од постоечките цевки“, за Мета.мк изјави Тоневски.
Тој нагласи дека во случај кога имало несакана штета, односно кога била скршена некоја цевка, истата била санирана во најкус можен рок, дефектот бил поправен и одново била пуштена вода.
„Сѐ она што ќе се оштети од наша страна, се поправа веднаш. Секако, отворени сме за забелешки и од страна на граѓаните. Доколку имаат конкретна забелешка, може да ни ја достават, а ние ќе ја разгледаме и ќе се обидеме да го отстраниме евентуалниот проблем“, рече Тоневски.
Тоневски додаде и дека пред започнување на изведбата на хидроцентралата, тие уредно ги добиле сите потребни дозволи за истата. Но, на барање на Мета.мк да ни даде копија од основата на проектот по кој се изведува хидроцентралата рече дека не е во можност да го стори тоа и дека не е ни потребно.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини вели дека нема конкретни информации за овој случај, но најави дека ќе побара инспекторатот веднаш да провери што е состојбата на терен, зошто нема вода, дали е загадена, како и какви се влијанијата од изградбата на хидроцентралата.
Нуредини истакна дека со новиот закон за водите, министерството ќе бара од сите засегнати страни и локалното население да бидат вклучени во процесот на одобрување градба за хидроцентрали.
„Покрај елаборат за изградба ќе треба да има и студија за влијанијата врз животната средина. Значи дека во иднина нема да има вакви случаи каде населението не е информирано или не се согласува, во спротивно нема да има владини одлуки за прифаќање на ваквите активности“, потенцираше министерот.
Мештаните на Турско Рудари лани во јануари на протест бараа да се стопира изградбата на мини хидроцентралата на Шталковска река бидејќи и покрај средбата со инвеститорот не најдоа заеднички јазик, а за почетокот на градежните активности разбрале кога виделе механизација на терен.