fbpx

Ковачевски: Гласавме „воздржано“ за резолуцијата на ОН оти не беше спомнат нападот на Хамас

С.Македонија го поддржува хуманитарниот аспект на јорданската резолуција, почитувањето на меѓународното хуманитарно право и неопходноста од заштита на цивилите и нивниот пристап до основните животни потреби. Од друга страна, голема слабост на резолуцијата беше неспомнувањето на терористичкиот напад на Хамас од 7 октомври, рече Ковачевски

-

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Северна Македонија гласала воздржано за резолуцијата за примирје во Газа на Генералното собрание на Обединетите нации, предложена од Јордан, бидејќи во неа не бил споменат терористичкиот напад на Хамас во Израел од 7 октомври. Дополнително, рече Ковачевски, во неа не било споменато правото на Израел да се брани.

„Северна Македонија го поддржува хуманитарниот аспект на јорданската резолуција, почитувањето на меѓународното хуманитарно право и неопходноста од заштита на цивилите и нивниот пристап до основните животни потреби – струја, вода и лекови. Од друга страна, голема слабост на резолуцијата беше неспомнувањето на терористичкиот напад на Хамас од 7 октомври кој што ние веднаш го осудивме, како и правото на Израел да се брани, затоа и гласавме за канадскиот амандман на резолуцијата“, изјави премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека одлуката за гласање воздржано не била лесно да се донесе од земјава.

„Резолуцијата од една страна ги адресира хуманитарните прашања со што се согласуваме и ги поддржуваме, но отсуството на спомнувањето на она што Хамас го направи на 7 октомври не остава поинаков пристап во однос на гласањето“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Скопје.

Претставникот на С.Македонија во Обединетите нации, Љубомир Фрчкоски гласал воздржано откако го добил истиот став од Министерството за надворешни работи, изјави Ковачевски.

„Тоа е и мој став и јасно го кажувам“, рече Ковачевски и додаде дека канадскиот амандман не бил прифатен пред финалното гласање за резолуцијата и затоа многу држави постапиле така како што постапила македонската држава.

Инаку, со 120 гласа за, 14 против и 45 воздржани, во четвртокот минатата недела се изгласа резолуцијата во Обединетите нации со која се повикува на итно хуманитарно примирје во Газа и за „заштита на цивили и за почитување на легалните и хуманитарни обврски“.

Северна Македонија беше воздржана при изгласувањето на оваа резолуција. Словенија, БиХ и Црна Гора гласаа за резолуцијата, Хрватска беше против, додека Србија, Албанија, Бугарија и Грција беа воздржани. Оваа резолуција беше предложена од Јордан.

Резолуцијата на Генералното собрание на ОН е симболична, бидејќи не е правно обврзувачка.

Канада бараше кон резолуцијата да се додаде амандман кој ќе вклучи осуда на милитантната група Хамас. Мнозинството членови на Генералното собрание на ОН го поддржаа предлогот, но тој не го достигна потребното двотретинското мнозинство за да биде усвоен.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(РЕПОРТАЖА) Надежите на СДСМ испарија во сауната на ВМРО-ДПМНЕ

„Овде е стравотно топло, како во сауна е“, рече професорката Гордана Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата во централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, барајќи марамче да се избрише, пред да ја прогласи победата...