Новинарката Вудсом: Занемарувањето на менталното здравје има последици врз работата, семејството и секојдневието

Писателката, продуцентка, режисерка и новинарка која покрива теми за менталното здравје за „Тhe Washington Post Opinions”, во интервју за Порталб.мк им порачува на младите да се дистанцираат и да не консумираат вести кои содржат ужасни сцени од војните, бидејќи тоа негативно влијае на начинот на кој тие гледаат на животот

Фото: Порталб.мк

Кејт Вудсом, писателка, продуцентка, режисерка и новинарка која покрива теми за менталното здравје за „Тhe Washington Post Opinions” истакнува дека последиците од занемарувањето на менталното здравје се рефлектираат во секојдневниот живот, продуктивноста на работа и во семејните односи. Антидепресивите можат да помогнат, но не се решение за лекување на менталните здравствени проблеми. Таа им порачува на младите да се дистанцираат и да не консумираат вести кои содржат ужасни сцени од војните, бидејќи тоа негативно влијае на начинот на кој тие гледаат на животот, пренесува Порталб.мк.

Вудсом на почетоците на својата кариера работела како новинарка во Камбоџа, Куба и Хонг Конг, а потоа работела како водителка на едно ТВ-шоу во живо на Ал Џeзира на англиски. Потоа таа преминува да работи во „Вашингтон пост“, а во 2017 година ја освојува Пулицеровата награда 2022 за јавна служба за нејзиното извеатување за нападот врз американскиот Конгрес на 6 јануари.

Афије Шерифи, новинарка во Порталб.мк, беше на студиска посета во канцелариите на „Вашингтон пост“ во Вашингтон каде што се сретна и со Вудсом и разговараше за заедничките предизвици на кои наидуваат младите кога станува збор за менталното здравје.

Како решивте вашата работа да ја фокусирате на менталното здравје?

Кејт Вудсом: Пораснав во тешка средина и како дете имав проблеми со депресијата и анксиозноста. Меѓутоа, живеев и работев како новинарка и во Камбоџа, земја во јужниот дел на полуостровот Индокина, во Југоисточна Азија. Земја која доживеа геноцид и во која животот го загубија повеќе од два милиони луѓе. Она што забележав е дека народот не зборуваше за тоа, како никогаш да не се случило. Како да се срамеа да зборуваат за она што го доживеале. Потоа почнав да работам во „Вашингтон пост“ и бев дел од тимот кој известуваше за нападот на американскиот Конгрес на 6 јануари каде и ние новинарите бевме нападнати од демонстрантите. Ова само по себе беше една траума која потоа ги разбуди старите трауми што ги имав доживеано. Тоа беше моментот кога решив да ја фокусирам мојата работа повеќе на менталното здравје, бидејќи нашите трауми можеме да ги излекуваме само ако зборуваме за нив и ако се соочиме со нив.

Кога сме кај траумите, од почетокот на пандемијата ковид-19, потоа со војната во Русија и Украина и сега со ситуацијата што се случува во Палестина, младите на социјалните мрежи се изложени на многу насилство и војна. Дали мислите дека десензибилизацијата на младите е една од последиците на сето она што сме го доживеале во последните години и како вие како новинар би се справиле со ваквата ситуација?

Кејт Вудсом: Ова е многу добра забелешка. Изложувањето на младите на страшни сцени и мртви тела може да влијае на оние кои не можат да поднесат такви сцени и како резултат на тоа младите емоционално се оддалечуваат од она што се случува во светот и го губат оној нивен дел кој буди емпатија кон жртвите, а тоа има негативно влијание врз начинот на кој тие го перципираат животот.

Мојот совет за младите во оваа ситуација е одреден период да се оградат од вестите, да не бидат цело време на телефон, да бидат свесни за количината на вести што ги консумираат и како тоа влијае на нив.

Во некои култури менталното здравје е табу тема, која е цената што ја плаќа едно општество кое нема култура на грижа за менталното здравје?

Кејт Вудсом: Самиот збор ментално здравје има една тешка конотација што ги тера луѓето да реагираат кога ќе го спомнеме. Човекот треба да биде способен да ги разбере начините на кои може да биде здрав. Негрижата за менталното здравје се рефлектира и во секојдневниот живот, во односите со семејството и општеството, во продуктивноста при нашата работа, и сето она што нè мачи и што не сме го излечиле се манифестира во секојдневниот живот.

Во американската култура пиењето лекови за менталното здравје е општествено поприфатливо. Каков е вашиот став за употребата на антидепресивите од страна на младите?

Кејт Вудсом: Лековите како што се антидепресивите се дизајнирани да му помогнат на мозокот да работи полесно. Но, тоа не значи дека се може да се реши со лекови. Патот до добро ментално здравје е комбинација на свесност, но и по потреба, консумирање на лекови. За нас е важно да можеме да се разбереме себеси, да знаеме што нè прави среќни, но и да се грижиме за нашето физичко здравје. Ако ние консумираме нездрава храна, пиеме премногу алкохол, нормално дека тоа ќе влијае и врз нашата ментална благосостојба. Но, ако се храниме добро, внимаваме на количеството алкохол што го консумираме, тогаш ќе забележиме дека сме посмирени и дека анксиозноста и депресијата ќе се намалат.

На социјалните мрежи менталното здравје од младите е романтизирано како еден лесен процес. Што мислите, како тоа влијае врз младите?

Кејт Вудсом: Социјалните мрежи се фатаморгана, еден перформанс, и како што на нас влијаат страшните сцени од војната, така влијае и претераното постирање за менталното здравје, ја искривува реалноста. Менталното здравје е сериозен процес и треба да внимаваме како го презентираме на социјалните мрежи.

Дали имате некаква порака за младите кои пораснале во средина каде грижата за менталното здравје била потешка?

Кејт Вудсом: Мојата порака до младите од Северна Македонија е дека заслужувате да се чувствувате безбедни, слушнати и сакани. Научете да се сакате себеси и ќе бидете почитувани и појаки.