fbpx

Косовски оџи не објавувале за Вања, туку лажен провокаторски профил

Како што Вистиномер веќе пишуваше, овој лажен коментар беше основа за сајтот Курир да објави дека Вања била наводно пронајдена во соседна држава, што секако е невистина. Министерот за внатрешни работи Спасовски никогаш не кажал дека овие коментари се повреда на националните чувства, ниту, пак, се заканувал

-

Во објавата се повторува веќе расчистената невистина дека за Вања Ѓорчевска, која беше грабната и убиена во близина на Скопје, наводно пишувале косовски оџи. Не постоеја никакви косовски оџи кои напишаа коментар за Вања, туку тоа беше лажен профил кој злоупотреби фотографија на оџа од Албанија. Вања не излегла од територијата на Македонија, туку дента кога беше киднапирана, била убиена непосредно во близина на Скопје. Токму поради тоа што беа пласирани невистини од ваков карактер, Јавното обвинителство информираше дека сите осомничени за нејзиното убиство се од македонска етничка припадност, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

  

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Имаше едни косовари оџи кога објавуваа за Вања, Спасо ќутеше и се закануваше тоа било повреда на национални чувства.

Во објавата се пишува за убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, која беше грабната од влезот на зградата во која живеела и беше убиена. Првоосомничен за убиството е Љупчо Палевски-Палчо, основач на партијата Десна. Во објавата се тврди дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој во постот е наречен „Спасо“,  молчел и се заканувал кога косовски оџи објавувале за Вања.

Точно е дека во почетокот, кога Вања уште беше исчезната и кога уште не се знаеше нејзината трагична судбина, мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, на Фејсбук објави дека трага по својата ќерка и побара доколку некој има информации, да ги сподели со неа и со полицијата. Меѓутоа, таа нејзина објава беше искористена од непознати лица по коишто трага косовската полиција, тие  напишаа лажен коментар под објавата дека девојчето е здраво и живо и дека е кај нив во Косово. Профилот носеше име Џамија од Подујево.

Со оглед на тоа што објавата на мајката на Вања, Зорица е избришана по убиството на Вања, постојат само траги од тој коментар но не може да се пронајде во оригиналната форма. На неколку медиуми, уште постои коментарот од профилот насловен Џамија од Подујево, како доказ дека таков коментар беше пласиран под објавата на мајката.

Но, профилот е лажен. Тој користеше фотографија од вистински оџа, меѓутоа од Албанија. Кога македонските медиуми го контактираа оџата чија фотографија беше злоупотребена, Арбер Бериша, тој самиот кажа дека го пријавил профилот, бидејќи лажно се претставува во негово име, ги злоупотребува верниците, а последно, шири и невистини дека Вања била во Подујево во џамија.

Веќе сум запознаен со овој профил кој неколку пати го пријавував во полиција затоа што често преку него некој, или криминална група, ги злоупотребуваше верниците злоупотребувајќи го моето име. Им давал совети, а потоа им барал пари користејќи го моето име и претставувајќи се од различни локации во светот. Овој профил нема никаква врска со ниедна џамија во Подујево, изјави тогаш Бериша за „Слободен печат“.

Девојчето, како што покажаа и првичните сознанија од истрагата, никогаш не ја напушти територијата на Македонија и била убиена истиот ден во близина на Скопје, каде што беше пронајдено и нејзиното безживотно тело.

Значи, никогаш не постоеле никакви „косоварски оџи кои објавувале за Вања“, туку тоа беше лажен провокаторски профил, за кој подоцна следуваше и истрага од косовските власти. На социјалните мрежи граѓаните се самоорганизираа да го пријават профилот како лажен, а коментарот како спам.

Како што Вистиномер веќе пишуваше, овој лажен коментар беше основа за сајтот Курир да објави дека Вања била наводно пронајдена во соседна држава, што секако е невистина. Министерот за внатрешни работи Спасовски никогаш не кажал дека овие коментари се повреда на националните чувства, ниту, пак, се заканувал. Јавното обвинителство поради фактот што веќе беа проширени дезинформации на етничка основа, односно дека Вања била во соседна држава и во тоа беше вмешана и непостоечка џамија, како и оџа кој не е од Косово и нема врска со профилот, во првичното соопштение информираше дека сите осомничени се од македонска етничка припадност.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...