fbpx

Контраспин: Пренџов со паушални изјави спинува за Законот за амнестија

Како и да е, факт е дека состојбата е многу сложена, земјата е изложена на критики и од Советот на Европа и од Стејт департментот во нивните редовни извештаи за состојбата со човековите права, каде што спаѓаат и правата на луѓето во казенено-поправните установи (КПУ), а овој предлог закон за амнестија е само продолжување на агонијата, т.е. „аспиринче“ со кое големата болка може само привремено да престане, a така мисли и експертската јавност

-

Пратеникот од ГРОМ Љупчо Пренџов ем не го прочитал законот за амнестија, ем е уверен дека „е превара“, зашто ништо е им верувал на овие од власта. Паушално и без аргументи се изјаснува и за амнестијата и нејзините цели од 2018 година, за кредитите за реконструкција на затворите, итн. Сепак, има право дека власта можела да стори многу повеќе, зашто состојбата е многу лоша, а амнестијата нема да ја поправи на среден и долг рок, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Пратеникот од ГРОМ Љупчо Пренџов во тв гостување изнесе ставови за предлог законот за амнестија во кои може да се препознаат спинови:

Спин: Јас се уште не сум го видел законот, утрово можеби е стигнато во Собранието. Затоа не можам да коментирам што пишува во законот. Јас едноставно од овие луѓе што и да ви пратат и да ви кажат или пак да ви најават што има во законот не им верувам ништо. Бидејќи искуството покажува дека најголем дел она што го кажуваат од власта е само една фасада, една завеса, а во позадина се случуваат други работи“, истакна пратеникот Љупчо Пренџов во утринската емисија на Алфа телевизија говорејќи за законот за амнестија.

Пренџов укажа дека власта тоа што вели дека во затворите нема место, е лага.  Владата дрско лаже. Зошто? Затоа што ако се сеќавате во 2017-та година само што дојдоа на власт, во очи на локалните избори тие вака под превезот на вакви слични закончиња во Собранието ги пуштија и кажаа тогаш дека исто вака нема место, нема услови. Но, во суштина тоа значеше да повеќе од 1.000 луѓе се пуштат на улица. И секој од оние луѓе што биле во затвор, да има договор да работи за СДС или ДУИ за тие локални избори“, потсети пратеникот Пренџов.

Тој додаде дека ако сега се прашаат тие луѓе тие ќе одговорат да работеле за СДС и ДУИ во текот на локалните избори во 2017-та година бидејќи ги ослободиле од затвор. „Доколку од власта сакаа за овие седум години да направат реновирање на затворите, тоа можеа да го направат. И да биде иронијата уште поголема тие веќе имаат одобрено кредит ама за вистинско реновирање и проширување на затворските капацитети во Република Македонија и кој што е од десетици милиони евра. И еве веќе повеќе од година дена немаат повлечено ниту една транша. Значи пари за реновирање и проширување на капацитетите има, кредит има, а власта не ги реновира и не ги проширува“

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/вебТајм.мк/вести – 27.09.2023]

Контраспин: Пратеникот Пренџов може да не ја сака и да ја доживува како тежок политички непријател актуелната владејачка коалиција, но секако не може своите ставови за законите што ги продуцира Владата да ги заснова на впечатоци.

Токму тоа го прави Пренџов по сопствено кажување. Гостувајќи на 27.09.2023 на Алфа ТВ во Утринската програма, Пренџов за предлог законот за амнестија вели:

Јас се уште не сум го видел законот, утрово можеби е стигнато во Собранието. Затоа не можам да коментирам што пишува во законот. Јас едноставно од овие луѓе што и да ви пратат и да ви кажат или пак да ви најават што има во законот не им верувам ништо.

Со самото тоа што вели не можам да коментирам, ама коментира зошто ќе гласа против, Пренџов прави спин и укажува дека аргументите ги влече на увереност, а не на факти.

Второ, Пренџов тврди дека е лага дека затворите биле преполни и дека тоа е основниот мотив за оваа најнова амнестија, а дека вистинскиот мотив бил поддршка на владејачките партии за претстојните избори кои најдоцна ќе се одржат во првата половина од 2024 година. Како аргумент, тој наведува дека со последната амнестија – се случи во 2018 година -ослободените лица работеле на тогашните локални избори за СДСМ и за ДУИ. Како знаеме? Па да ги прашаме, самите ќе ни кажеле, вели Пренџов.

И додека за овој аргумент секако нема јасни докази, има релевантни докази дека и тогаш во 2018 година и денес, затворите се преполни и капацитетот надминува за нешто помалку од 170-тини легла, според последното ажурирање од надлежните.

Според Народниот правобранител реалниот капацитет на македонските затвори е нешто под 2000 лица, поточно 1947 лица (Извештај на Метаморфозис 2022, стр.14), а во моментов во затворите се 2.114 осудени лица, од кои 286 се затворени до 6 месеци, а околу 996 други би биле опфатени со намалување на казната за околу 30 проценти. До 27.09.2023 осуденици кои треба да влезат во затворите се 2.813, но дел ќе бидат опфатени и со целосно ослободување и со делумно од 30 насто. (Извор: Брифинг во Министерство за правда на 28.09.2023).

Пренџов прави половичен спин и кога зборува за волјата за реконструкција на затворите и дека власта има одобрено и заем ама не го користеле и не влечеле средства.

Вистинските бројки може да се најдат во Буџетот на РСМ за 2023, каде што годишниот Буџет на Управата за извршување санкции е зголемен во однос на оној од 2022 година и изнесува 1,263 милијарда денари или 20,5 милиони евра расходи (види стр.255), при што околу 178 милиони денари или, 2.9 милиони евра се расходи од заеми. Овие заеми се дел од тој кредит за кој што зборува Пренџов (кредит од Советот на Европа) и од кој лани требало да се потрошат 1,9 милиони евра, а годинава околу 6, што значи дека е точно дека годинава помалку се троши но, не ич, туку наместо 6, половина, т.е. 3 милиони евра. И од тука, тој половичен спин во третиот пасус на Пренџов.

За жал вакви спинови околу овој закон, па дури и спинови од типот власта ги ослободува криминалците зашто им ветила, а потоа истите ќе и прават проблеми на новата власт, зачестија деновиве.

***

Но, како и да е, факт е дека состојбата е многу сложена, земјата е изложена на критики и од Советот на Европа и од Стејт департментот во нивните редовни извештаи за состојбата со човековите права, каде што спаѓаат и правата на луѓето во казенено-поправните установи (КПУ), а овој предлог закон за амнестија е само продолжување на агонијата, т.е. „аспиринче“ со кое големата болка може само привремено да престане, a така мисли и експертската јавност (види од 40 мин. тука). Ќе излезат вкупно нешто над 1200 затвореници, а чекаат да влезат над 2000 (бројката засега не може да се пресмета).

Покрај темелна изградба и реконструкција на централниот затвор во Идризово и уште неколку други, почнувајќи од затворот Скопје, современи и навремени медицински услуги во затворите, континуирани обуки и услови за затворската полиција, потребна е измена и на судиската пракса и охрабрување за многу почеста употреба на Пробацијата како санкција, која лани била применета во 475 случаи, односно за толку помалку луѓе биле изложени на лошите услови во македонските затвори.

 

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...