fbpx

Законот за амнестија оди во Собрание – ослободување за казна затвор до 6 месеци, нема амнестија за тешките дела

Познавачите на состојбите реагираа во однос на донесувањето на овој закон, особено поради фактот што намалувањето на казните или ослободувањето на осудениците нема да ги промени условите во затворите

-

Владата на денешната седница даде зелено светло за Законот за амнестија и тој ќе биде доставен до Собранието. На претходната седница овој закон беше вратен на усогласување, со цел да се регулира статусот на македонските државјани осудени во странство, кои казната ја издржуваат во земјава.

Законот го предложи министерот за правда Кренар Лога, а неговото образложение е дека условите во затворите се мизерни и дека е потребно растеретување.

„Целта е да се овозможи ресоцијализација на сторителите на кривични дела  и рестеретување во казнено поправните установи со оглед на фактот што  состојбата таму во изминатиот период е алармантна, а тоа беше потенцирано во бројни меѓународни извештаи како и од Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа“, велат од Министерството за правда.

Со законот се предлага лицата на кои им е изречена казна затвор до 6 месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 отсто од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, несовесно работење во службата од член 353-в, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово -базирано насилство.

Амнестијата не се однесува ниту за кривични дела разбојништво и разбојничка кражба од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела измама на штета на средства на Европската Унија, перење пари и други приноси од казниво дело од член 273, злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, примање поткуп од член 357, давање поткуп од член 358, давање награда за противзаконито влијание од член 358-а и за примање награда за противзаконито влијание од член 359, сите од Кривичен законик.

Амнестијата не се однесува на лицата кои делата кои се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година. Амнестијата не се однесува на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон  е наредено издавање на потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон.

Законот за амнестија, ако биде предложен по скратена постапка, може да се најде на седница во Собранието на 3 октомври, рече денеска претседателот на Собранието Талат Џафери.

Познавачите на состојбите реагираа во однос на донесувањето на овој закон, особено поради фактот што намалувањето на казните или ослободувањето на осудениците нема да ги промени условите во затворите.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека нема да го гласаат Законот за амнестија.

Во моментов во државата има 2.345 осудени лица, од кои 250 се осудени на затворска казна до 6 месеци, што значи дека тие, доколку се изгласа законот, би излегле на слобода.

Околу 800 затвореници или осудени лица само од затворот Идризово, пак, според кривичните дела за кои се осудени, би добиле намалување на затворските казни за 30 отсто.

Закон за амнестија: Од затвор ќе излезат 250 осуденици, а на ред чекаат да влезат 2.000 нови

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...