Со денешната одлука на Влада на листата со „гарантирана цена“ влегуваат и безалкохолните пијалаци, газираната и негазираната вода и пивото, информираше премиерот Димитар Ковачевски.
„Донесовме и нова одлука за намалување на маржите кај овошјето и зеленчукот со што дополнително ќе се намалат цените во износ до 30% за овие производи“, додаде премиерот.
Владата на денешната седница, на предлог на Министерство за економија, донела нови одлуки за намалување на цените во трговијата на големо и трговијата на мало на следните производи: светло пиво и лагер пиво; газирани и негазирани пијалаци, со исклучок на енергетски пијалаци; минерална, газирана и негазирана природна изворска вода.
„Трговците за вршење дејност трговија на мало, се должни да ги утврдат цените во трговијата на мало за овие производи и на полиците, фрижидерите и разладните уреди треба јасно да ги обележат со натписот „гарантирана цена”, соопштија од Владата.
На денешната седница била донесена и одлука за определување највисока трговска (профитна) маржа како посебен услов во трговијата со свежо овошје и во трговијата со свеж зеленчук.
Највисоката трговска маржа за овошјето и зеленчукот за сите трговски друштва и трговци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо се утврдува во вкупен износ до 10%, а во трговијата на мало се утврдува во вкупен износ од 15%. Со ова, очекувањата на Владата се дека цената на овошјето и зеленчукот ќе се намали за околу 30%.
„Пред нас следат одлуки за намалување на увозните давачки на свеж зеленчук, ориз, портокали, лимони, мандарини, како и намалување на царинските стапки на млечните производи со масленост над 10%. И ова се одлуки кои ќе бидат донесени во текот на наредните денови, објавени и спроведени во пракса“, велат од Владата.
„Гарантирана цена“ за сите овие производи важи до 30 ноември. Одлуката денеска ќе биде објавена во Службен весник и таа од утре стапува на сила.
Владата веќе овозможи 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната, месната индустрија, да се намалат за најмалку 10% во однос на цената која ја имале на 1 август.
„Јас сум убеден дека со „гарантирана цена“ на производите како и останатите мерки кои ги носиме од социјален карактер, ќе успееме да ја стабилизираме инфлацијата до крајот на годината“, рече Ковачевски.