fbpx

Закон за амнестија: Од затвор ќе излезат 250 осуденици, а на ред чекаат да влезат 2.000 нови

Директорот на затворот „Идризово“, Зоран Јовановски за Мета.мк вели дека со овие законски измени не би се сменило ништо во однос на условите. Тие ќе останат такви какви што се, една група затвореници ќе излезат или ќе добијат пониски казни, а наместо нив, ќе влезат нови

-

„Се срамам што сум премиер на земја во која има затвори со нехумани и супстандардни услови под секое човечко достоинство. Преку владината камера која влезе и сними внатре сѐ, ќе се обидеме преку вас медиумите, да ја поттикнеме дебатата во општеството овие услови под итно да се подобрат“, рече премиерот Зоран Заев во 2017 година, по посетата на најголемиот затвор во државата – „Идризово“, претставувајќи го Законот за амнестија како едно од можните решенија на проблемот.

Овој закон беше изгласан од Собранието во 2018 година и со него беа опфатени 750 лица.

Шест години подоцна, и министерот за правда Кренар Лога влезе во затворот „Идризово“ и го кажа речиси истото како и експремиерот Заев.

„Условите се мизерни, катастрофални и супстандардни за издржување на затворските казни – пренатрупаност, затвореници спијат на под, нема соодветна здравствена заштита, нема соодветни санитарии, искршени кревети, мувлосани ѕидови“, рече тој, предлагајќи го истото решение – амнестија.

Предлог-законот за амнестија, ги разгоре дебатите во експертската јавност во однос на начинот на казнивоста односно неказнивоста во државата, за одредени категории лица.

Со овој предлог-закон на Лога, исто како и со тој што го предлагаше Владата на Заев а го изгласа Собранието, се дава можност на лицата на кои им е изречена казна затвор до 6 месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, пак, се ослободуваат од издржување на 30 проценти од казната изречена со правосилна пресуда. На пример, ако некој е осуден за полесно кривично дело на 9 години затвор, нему ќе му се скратат 3 години од казната.

Законот се најде на владина седница пред два дена, но, како што стоеше во владиното соопштение, потребни ќе бидат одредени усогласувања со надлежните институции. Од извори во Министерството за правда, Мета.мк дознава дека всушност она што треба да се допрецизира во законот е амнестијата на лицата кои во странска држава направиле кривично дело, а казната ја издржуваат во земјава. Откако ќе бидат направени овие усогласувања, во однос на меѓународната соработка, Предлог законот нема да оди повторно пред Влада, туку директно во Собрание, на гласање.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера изјавија дека нема да го гласаат предлогот.

„Го немаме сè уште добиено законот затоа што во самата Влада има одредени несогласувања. Гледаме дека на различна линија се премиерот и министерот за правда, како што беа на различна линија и за измените на Кривичниот законик. Но, ние не би поддржале таков закон затоа што сметаме дека овој закон таргетира една целна група која што им е битна на владејачките партии и да им бидат тркачи на следните избори во кампањата“, изјави пратеникот Антонијо Милошоски за Тема на денот во дневникот на Сител.

Условите се исти, само затворениците се менуваат

Во моментов во државата има 2.345 осудени лица, од кои 250 се осудени на затворска казна до 6 месеци, што значи дека тие, доколку се изгласа законот, би излегле на слобода.

Околу 800 затвореници или осудени лица само од затворот Идризово, пак, според кривичните дела за кои се осудени, би добиле намалување на затворските казни за 30 отсто.

Директорот на затворот „Идризово“, Зоран Јовановски за Мета.мк вели дека со овие законски измени не би се сменило ништо во однос на условите. Тие ќе останат такви какви што се, една група затвореници ќе излезат или ќе добијат пониски казни, а наместо нив, ќе влезат нови. Според последните податоци на Управата за извршување санкции, издадени се околу 2.000 упатни акти, односно толку осуденици треба да влезат на издржување затворски казни во еден од затворите во земјава.

Кон почетокот на наредниот месец, Комитетот за превенција на тортура (CPT), тело при Советот на Европа, пристигнува во Македонија за да врши скенирање на состојбата во затворите, а епилогот не се очекува да биде многу променет во однос на изминатите години – земјава е редовно предмет на критики во однос на ова прашање.

„Амнестијата нема да ги подобри условите во затворот. Нам во моментов ни е најважно да се направи поликлиника, бидејќи трошиме енормно високи средства за фактури кои ни пристигнуваат од МВР, треба да спроведеме осуденик до здравствена установа, а за тоа се плаќа полициска асистенција, и тоа по полицаец. Имаме затвореници кои се сериозно болни, за нив судот не ни дава условен отпуст. Па замислете, имаме затвореник кој 7 месеци лежи во Градска болница, за тоа ние плаќаме фактура, по ден. Дополнително на тоа, ни стигна и допис од Министерството за финансии да ги намалиме трошоците за 15 отсто“, вели Зоран Јовановски, директор на КПД „Идризово“ за Мета.мк.

Моментално, затворите во овој дел се во долгови од околу 35 милиони денари, од кои само затворот „Идризово“ има долг од 30 милиони.

Јовица Стојановиќ, директор на Управата за извршување на санкциите за Мета.мк појаснува дека со последниот ребаланс кој го најави министерот за економија Крешник Бектеши одобрени се 43 милиони денари за здравствено осигурување, односно пакети за здравствена заштита за осудениците.

Но, долговите на затворите не завршуваат само во делот на здравственото осигурување, а останува и прашањето дали амнестијата е начин за справување со овие проблеми или пак мотивите за предлагањето ваков закон се поинакви. Министерот Лога е дециден дека со ова ќе се растеретат затворските установи, но нема коментар во однос на новите осуденици кои ќе треба да влезат на отслужување на казната, во истите услови.

Стојановиќ не сакаше да го коментира предлог-законот, но вели дека тој се залага за пробација, со која се врши континуирано празнење на затворите, а осудените лица и понатаму би биле под надзор.

Инаку, пробацијата е стручна служба организирана на ниво на Сектор во Управата за извршување на санкции и спроведува надзор над извршување на казните без лишување од слобода, поточно над алтернативните мерки: условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор, како и над извршувањето на условниот отпуст, изречени со одлука на судовите. Пробациската служба врши надзор на осудените лица и им нуди поддршка, а целта е да се одржи безбедноста во заедницата со подобрување на ресоцијализацијата и рехабилитацијата на лицата над кои се извршуваат пробациски работи, како и да се намали затворската популација.

Според предлог-законот, амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, несовесно работење во службата од член 353-в, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово -базирано насилство.

Освен овие дела, амнестијата не се однесува за кривични дела „Разбојништво”,  „Измама на штета на средства на Европската Унија”, „Перење пари“, „Примање поткуп”, „Давање поткуп” и „Давање награда за противзаконито влијание”.

Амнестијата, според предлог-законот, не се однесува на лицата кои делата што се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година и на лица кои во време на сторување на делата биле избрани и именувани лица во Република Северна Македонија.

Освен тоа, амнестијата не се однесува на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон.

Доколку се изгласа овој предлог-закон, тоа би бил четврти пат во земјата. Првиот пат во 2017 година, вториот пат кон крајот на 2019 кога се изгласа амнестија за дел од обвинетите за 27 април, а третиот пат годинава, кога беше изгласана амнестија за прекршителите на Ковид протоколите за време на пандемијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...