Почина Сер Мајкл Гамбон, познат по улогата на професорот Дамблдор во „Хари Потер“

По смртта на актерот Ричард Харис, Сер Мајкл ја презеде улогата на Дамблдор – директорот на училиштето за волшебници Хогвортс, во филмскиот хит за Хари Потер, базиран на романите на Џ.К. Роулинг

колаж: HumMelissa_Glee, CC BY 2.0 и IamIrishwikiuser, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

На 82 годишна возраст, почина актерот Сер Мајкл Гамбон. Веста за смртта ја соопшти неговото семејство, јави Би-би-си.

Гамбон беше најпознат по улогата на професорот Албус Дамблдор во шест од осумте филмови за Хари Потер.

Во неговата шестдецениска кариера, актерот родум од Даблин работеше на телевизиски, филмски, театарски и радио проекти, а освои четири БАФТА награди.

Неговата сопруга Лејди Гамбон и синот Фергус изјавија дека нивниот сакан сопруг и татко починал мирно во болница по напад на пневмонија.

По смртта на актерот Ричард Харис, Сер Мајкл ја презеде улогата на Дамблдор – директорот на училиштето за волшебници Хогвортс, во филмскиот хит за Хари Потер, базиран на романите на Џ.К. Роулинг.

Во објава на официјалната страница на серијалот за Хари Потер на социјалната мрежа „Х“, поранешен Твитер, се искажува жалење за смртта на Сер Гамбон.

„Тој им донесе неизмерна радост на обожавателите на Хари Потер од целиот свет со својот хумор, добрина и благодат. Неговиот спомен засекогаш ќе го чуваме во нашите срце“, се вели во објавата на страницата на Хари Потер на „Х“.