Почина креаторот на „Драгонбол“

Роден во Нагоја, Јапонија во 1955 година, Торијама се проби во светот на стриповите во раните 1980-ти години со „Д-р Сламп“, но „Драгонбол“ беше неговото најзначајно дело

Guilhem Vellut, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Акира Торијама, креаторот на „Драгонбол“ (Dragon Ball) – еден од највлијателните и најпродавани јапонски стрипови на сите времиња, почина на 68-годишна возраст.

Торијама претрпел акутен субдурален хематом, вид на крвавење во близина на мозокот, соопшти неговото студио, а пренесe Би-би-си.

„Драгонбол“ е популарен ширум светот, а стрипот доживеа и свои цртани и филмски верзии.

Стрип серијалот дебитираше во 1984 година. Го следи момчето по име Сон Џоку во неговата потрага да собира магични змејски топки за да ја одбрани Земјата од вонземските хуманоиди наречени Сајанс.

Торијама починал на 1 март, а на погребот присуствувале само неговото семејство и неколку пријатели.

Роден во Нагоја, Јапонија во 1955 година, Торијама се проби во светот на стриповите во раните 1980-ти години со „Д-р Сламп“, кој ја раскажува приказната за малото девојче-робот Арале и нејзиниот научник-творец.

„Драгонбол“ беше неговото најпознато дело.

Цртаната филмска верзија е синхронизирана на многу јазици, а се емитуваше и во Македонија на поранешната „А1 Телевизија“.