Концeртите на Тејлор Свифт во Сингапур предизвикаа критики од другите земји во регионот

Со ексклузивен договор, Сингапур стана единствената југоисточна азиска земја во која Тејлор Свифт ќе одржи концерт, што предизвика реакции од другите држави во регионот

Фото: Тејлор Свифт на концерт во рамки на турнејата „Ерас“, август 2023 г. Paolo Villanueva (@itspaolopv), CC BY 2.0, Викимедија комонс

Сингапурскиот премиер Ли Сјен Лунг го брани ексклузивниот договор со Тејлор Свифт кој предвидува Сингапур да биде единствената станица во југоисточна Азија на нејзината светска турнеја, тврдејќи дека не станува збор за непријателски чин кон соседните земји, пренесува Гардијан.

„Нашите агенции преговараа со неа да дојде во Сингапур, да настапи и да го направи Сингапур единствена станица на турнејата во југоисточна Азија. Се покажа како многу успешен аранжман. Не го гледам тоа како непријателско однесување“, рече Ли на прес-конференција во Мелбурн, каде присуствуваше на регионален самит.

Распродадени се сите шест концерти на Тејлор Свифт во Сингапур, а досега се одржаа три.

Премиерот на Тајланд минатиот месец тврдеше дека промоторот на турнејата го информирал оти владата на Сингапур, како дел од договорот за ексклузивност, понудила субвенции од 2-3 милиони американски долари по концерт.

Владата на Сингапур претходно соопшти оти било договорено Свифт да настапи во земјата, без да се споменат условите од договорот. Сепак, Ли денеска потврди дека на Свифт ѝ биле обезбедени „одредени стимулации“ од владиниот фонд основан за обнова на туризмот по пандемијата, но не кажа колку чини договорот.

Други држави во југоисточна Азија се пожалија дека се лишени од туристичкиот раст што го носат концертите на Тејлор Свифт.

Минатиот месец, пратеник од Филипините искоментира дека тоа што го прави Сингапур „не е нешто што го прават добрите соседи“.

Ли не одговори директно на прашањето дали дошло до кавга со другите лидери поради договорот со Свифт и кажа дека, ако неговата земја не склучела ексклузивен договор, можеби некоја од соседните држави ќе го сторела тоа.

„Ако ова е тоа што треба да се направи за да се добие исход кој е заемно корисен и кој, од гледна точка на Сингапур, служи не само за раст на економијата, туку и за привлекување посетители и добра волја од целиот регион, јас не гледам зошто е лошо“, вели Ли.

Фановите на Тејлор Свифт ширум југоисточна Азија реагираа со разочарување кога минатата година беше соопштено дека пејачката ќе го прескокне поголемиот дел од регионот и оти ќе настапи само во Сингапур.