Пред стотици средношколци од повеќе различни држави, Фондација Метаморфозис вчера преку предавања за лажни вести и дезинформации зеде учество на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“.
Заменик-уредничката на Мета.мк, Мери Јордановска и Деспина Ковачевска, медиа мониторинг специјалист во Фондацијата Метаморфозис на младите вчера им презентираа голем број примери за начините на кои се шират лажните вести и дезинформации, особено на Западен Балкан. Развојот на новите технологии, рекоа говорниците, има и добри, но и лоши страни. Сето тоа може да придонесе публиката да биде изманипулирана и излажана, а последиците од тоа може да бидат огромни.
„Штетите од лажните вести и од дезинформациите можат да го загрозат човековото здравје, ако на пример купувате медицински продукти кои лажно се претставуваат на интернет како да се одобрени од стручни медицински лица, можат да ви ги испразнат вашите или картичките на вашите родители, доколку вршите уплата на сомнителни веб-страници каде што се бараат вашите лични податоци. Ширењето на дезинформациите можат да ја сменат вашата перцепција во однос на општествените и политичките случувања и да ви јават сомнежи во однос на научните и медицинските наоди“, рекоа говорничките во нивното предавање на средношколците.
Тие ги подучија младите како да се заштитат од ширењето лажни вести и дезинформации – да ја проверуваат веродостојноста на веб-страниците, да проверуваат дали одредена фотографија што се шири на социјалните мрежи е монтирана, со сомнеж да пристапуваат кон секоја вест што е премногу добра или премногу лоша, односно сензационалистички претставена и да ја проверуваат од повеќе извори.
Средношколците изразија голем интерес на темата, па предавањето се разви во конструктивна дебата.
Фестивалот „Џифони Македонија“ беше отворен на 5 октомври и ќе трае до 10 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ). Ова е 11 издание на овој филмски фестивал, во кој учествуваат 550 млади од земјава, Косово, Албанија, Бугарија, Србија, Италија и други држави.
Мета.мк во следниот период одржува уште два важни настана кои ги засегнуваат младите, но и целата јавност.
Вебинарот „Жешките еко-точки низ новинарска призма“ ќе се одржи утре, на 10 октомври, во вторник, со почеток од 11 часот.
На онлајн настанот, професорот Трајче Стафилов од Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет ќе говори за тоа зошто се опасни жешките еколошки точки по човековото здравје и животната средина, на кој начин треба да постапат надлежните власти кон ублажување на штетните последици и кои мерки треба да се преземат за нивна санација. Досегашното новинарско искуство од известувањето за жешките еколошки точки на вебинарот ќе го споделат главниот уредник на новинската агенција Мета.мк Бојан Блажевски, новинарката на Мета.мк Сања Наумовска и новинарот на Порталб.мк Фисник Џелили.
На 19 октомври, пак, во „Netaville“ во Скопје ќе се одржи настанот „Сајбер Шејк“ – дискусија за млади на тема „Дали телефонот те прислушкува?“.
Настанот е во организација на „Метаморфозис“ во соработка со организацијата IESC, а со поддршка на УСАИД. Организаторите најавуваат „разговор што ќе ве натера на размислување“, а кој ќе навлезе подлабоко во доменот на прислушкувањето од страна на паметните телефони и ќе ги расветли клучните улоги што ги играат дигиталниот маркетинг, социјалните медиуми и инфлуенсерите.
Покрај ова, новинската агенција Мета.мк го распиша и Конкурсот за краток хорор расказ по повод празникот „Halloween“, односно „Ноќта на вештерките“. Конкурсот се објавува четврта година по ред, а исто како и минатата година, се организира во соработка со издавачката куќа „Антолог“.
Сите млади хорор ентузијасти ќе имаат можност да ги испраќаат своите дела до 28 октомври. За тројцата победници се предвидени награди – ваучери за книги.