Хајката која српските таблоиди, здушни поддржувачи на тамошниот премиер Александар Вучиќ, ја водат против актуелните власти во Северна Македонија, користејќи го случајот „Рекет“ како алатка за напади, е главниот пропаганден лост на регионално ниво кој треба да создаде атмосфера дека владата во Скопје само што не паднала, дека премиерот Заев веќе поднел оставка и дека само што не завршил зад решетки. Истото она што „Ла Верита“ го одработува на европско ниво, српските националистички таблоиди го прават на регионално ниво, користејќи ги погодностите што ги нуди големиот медиумски пазар на српски јазик, кој се протега и надвор од границите на Србија и има публики во речиси сите земји од Западниот Балкан.

Еден од редицата написи преполни со измислици и дезинформации е и овој со наслов „Србин во врвот на криминалната пирамида! Голем пресврт во аферата „Рекет“, Зоран Башановиќ е Капо ди Тути Капи!(SRBIN U VRHU KRIMINALNE PIRAMIDE! Veliki obrt u aferi “Reket”, Zoran Bašanović je CAPPO DI TUTTI CAPI! (ŠEMA)) објавен од страна на српскиот таблоид „Ало“.

И веднаш во првиот ред од написот аферата „Рекет“ станува „Ракета“ и како таквa е именуванa низ текстот. Тука веднаш се поставува прашањето каков кредибилитет може да има еден напис кој не може да го погоди ниту името на скандалот кој е неговата централна тема. Во втората реченица, пак, се вели дека станувало збор за „најголемата криминална афера во поновата историја на Македонија“. Ова, се разбира, не е ни оддалеку точно. „Рекет“, барем засега, е скандал за кој две лица, кои немаат никаква функција, ниту пак, било каков политички бекграунд, се во притвор, има индиции за вмешаност на еден обвинител, како и дополнителни индиции за евентуална вмешаност на една невладина организација, неколку лица од раководството на таа невладина организација, како и евентуални можни индиции за вмешаност на пар функционери од владејачката партија. И тоа е сѐ. Од друга страна, пак, кога веќе говориме за „најголемата криминална афера во поновата историја на Македонија“, во скандалот со прислушувањето и криминалите кои произлегоа од него, има осудени лица, меѓу кои и премиер и министер за внатрешни работи, неколку дузини поранешни министри, пратеници и партиски функционери се обвинети, а покрај тоа обвинети се и уште неколку дузини вработени во МВР, како и други лица блиски на претходната власт, односно вкупно околу 100-тина во околу 30-ина судски предмети. Од сето ова произлегува дека „Рекет“, по својот криминален опсег, износи на криминално свртени пари, е мачкина кашлица во однос на скандалот со прислушувањето.

ИЗМИСЛЕНИОТ КАПО ДИ ТУТИ КАПИ

Во истата реченица понатаму се вели дека „капо ди тути капи“ бил премиерот Зоран Заев и „неговиот најблизок соработник Зоран Башановиќ“. Во однос на евентуалната вмешаност за Заев во рекет, само ќе кажеме дека за такво нешто засега нема никакви индикации, освен магливите кажувања на еден од притворените во прислушуваните разговори, во кои тој вели дека нешто разговарал со премиерот, без да се каже што. Овде ќе потсетиме и дека токму Заев е оној кој целиот случај го пријави во Јавното обвинителството. Кога станува збор, пак, за Башановиќ, тој е постојана мета на таблоидите блиски до Вучиќ, уште откако беше повикан да биде хонорарен советник за економија во Кабинетот на Заев. Единствен „доказ“ за било каква „вмешаност“ на Башановиќ во „Рекет“ е фактот што неговата сопруга „лајкнала“ Инстаграм фотографија објавена на профилот од ќерката на Зоран Заев. И толку.

„Ало“, клеветејќи дека „во криминалната приамида највисоко место зазема токму Зоран Башановиќ“ како „доказ“ користи некаква шема објавена од страна на порталот Инфомакс, но „Инфомакс“ во оваа шема го става Башановиќ токму заради шпекулации објавени на српските портали и тоа не било кој спрски портал, туку токму „Ало“. Што значи дека „Ало“ си се цитира самиот себеси, само што овој пат како извор е наведен „Инфомакс“ за на целата дезинформација да ѝ се даде привид на релевантност. И тука имаме затворен круг – „Ало“ го клевети Башановиќ за вмешаност во „Рекет“, македонски „Инфомакс“ тоа го користи да направи шема во која Башановиќ ќе го стави во „врвот на пирамидата“ за потоа истиот српски портал да го повтори она што еднаш веќе ги напишал – дека Башановиќ бил во врвот на пирамидата затоа што македонскиот портал „Инфомакс“ објавил шема во која се вели такво нешто. Ваквиот тип на циркуларни дезинформации, кои завршуваат на истото место од каде што и почнале потсетуваат на египетскиот симбол „ороборос“, кој претставува змија која си ја јаде опашката.

Во текстот понатаму се вели и дека по апсењето на Боки 13 и оставката на специјалната обвинителка Катица Јанева, во медиумите „уследила недела на апсолутна тишина“, која, пак, била прекината од италијанскиот десничарски и популистички весник „Ла Верита“, кој во период од 3 дена објавуваше телефонски и лице-во-лице разговори меѓу наводниот рекетар Бојан Јовановски и наводно рекетираниот бизнисмен, инаку обвинет во случајот „Империја“, Орце Камчев, со пар телефонски вклучувања и на специјалната обвинителка. Се разбира, тврдењето дека уследила „недела на апсолутна тишина“ по апсењето на Јовановски и неговиот соучесник Зоран Милески – Кичеец е сосема неточно. Во медиумите немаше никаква, а камоли, пак, „апсолутна тишина“ ни еден единствен ден кога станува збор за „Рекет“. Напротив, овој скандал е постојано главна медиумска тема, но целта овде е или незнаење или намера да се придаде што е можно поголема важност на „Ла Верита“ и на од нив објавените разговори во кои не се слуша гласот на ниеден претставник на власта или на функционер од владејачката партија и чија агенда во однос на Северна Македонија е јасно насочена кон промоција на актуелната десничарска и авторитарно-популистичка опозиција во земјава (читај ВМРО-ДПМНЕ), исто како што агендата на весникот во Италија е насочена кон поддршка и промовирање на владејачката популистичка партија „Лига“.

ПОДЛА ШПЕКУЛАЦИЈА

Особено подла шпекулација и со ништо непоткрепена дезинформација е содржана во следниов пасус:

Вчерашниот текст (се мисли на написот во „Инфомакс“) прв пат директно го поврза Заев со рекетарската афера. Се шпекулира дека милионите кои се гледаат на снимката додека Боки 13 ги носи од кај Камчев, завршиле директно на паркингот пред Владата, зашто торбата Луи Витон, во која беше кешот, била опремена со уред за следење. Ова е уште еден факт кој Заев директно го поврзува со аферата.

Во овој пасус најбезобразно вели оти се „шпекулирало“ дека парите завршиле на паркингот пред Владата, за на крај да каже дека ова било „уште еден факт“ (а, кои се претходните „факти“, ако овој е „уште еден“, може ли да ги видиме нив) кои Заев го поврзувале со аферата. И на овој начин, во две реченици, преку синтаксички махинации, една шпекулација два реда подолу станува факт. Се разбира, тука има и купишта други измислици кои не се докажани, ни аргументирани. Од каде знае авторот на овој текст дека торбата била опремена со уред за следење? Зошто нема никакви поблиски детали околу ова? Ако торбата Луи Витон била опремена со уред за следење зошто се вели само дека парите завршиле на паркингот пред Владата? Ако уредот за следење е прецизен да открие дека торбата е на паркингот пред владата, тогаш може и да ни каже дали торбите биле внесени и во самата зграда? Зошто за тоа нема информација? Понатаму, ако парите завршиле во владата, зошто Орце Камчев отишол кај Заев да се жали дека бил рекетиран? Па, ако знаел дека неговите пари завршиле во Влада, зарем би одел таму да се жали за рекетирање, ако знае дека токму од Заев го рекетира? И така натаму, и така натаму.

ДОБРО КООРДИНИРАНА, АМА СЕПАК ОБИЧНА ХАЈКА

На крајот, пак, уште еднаш се без аргументи се повторува дека на врвот од „рекетарскиот октопод“ бил Заев, а во „криминалната пирамида највисоко место зазема токму Зоран Башановиќ“. И како извор за ваквиот заклучок повторно се користи истиот текст од „Инфомакс“ за кој видовме дека информации за наводната вмешаност на Башановиќ користи токму од српските медиуми, односно од „Ало“, а информациите за вмешаноста на Заев, пак се обични шпекулации. Подла конструкција на отворено. Обид од ништо да се обвинат луѓе за кои нема никакви докази за било каква вмешаност (барем засега) и тоа во ситуација кога еден од оние кои овој напис ги обвинува (Заев) е токму лицето кое целиот случај го пријави во Јавното обвинителство.

Овој напис во „Ало“ е само еден замаец во целата хајка против властите во Северна Македонија, која како повод ја користи аферата „Рекет“. Хајката која се случува на три нивоа – преку „Ла Верита“ на европско ниво (овој весник дури и ја обвини Ангела Меркел дека била вмешана во македонскиот скандал со прислушувањето, а ја направи виновна и поранешната ЕУ комераска  за надворешни работи Федерика Могерини заради нејзината поддршка за основањето на Специјалното јавно обвинителство), српските таблоиди на регионално ниво на Западниот Балкан и опозициските мегафони на национално ниво во Северна Македонија. Но, станува збор само за координирана хајка на повеќе нивоа, засилена од повеќе портали на повеќе јазици и помогната од социјалните мрежи, како што тоа денес обично се прави, но без никаква супстанца и која со ништо не покажа вмешаност на премиерот Зоран Заев или на владините министри.

Автор: Владимир Петрески