fbpx

Јусуф Зејнели изгласан за нов ректор на Тетовскиот универзитет, реакции по изборите на кои тој беше единствен кадидат

Сè додека најголемиот албански универзитет во Северна Македонија не успее да обезбеди фер, слободни и демократски избори – без притисок од трети страни, без мешање на политичките партии, не треба да има избори, реагира Форумот за образовни промени

-

Јусуф Зејнели е избран за нов ректор на Универзитетот во Тетово (УТ), на избори на кои тој беше единствен кандидат, откако останатите тројца пријавени се повлекоа од конкурсот, обвинувајќи за низа неправилности.

„Со мнозинство гласови од академскиот кадар на 12 факултети, проф. д-р Јусуф Зејнели е избран за ректор на Универзитетот во Тетово, за следниот тригодишен мандат, 2023-2026 година“, информираа од Тетовскиот универзитет.

Од таму објавија дека право на глас имале 334 членови, додека ова право го искористиле 302, при што Зејнели добил 260 гласа.

Професорот Башким Зибери кој се повлече од изборите освоил 14 гласа, кандидатката Миќереме Руси 1 глас, професорот Дервиш Алими не добил гласови, а 27 гласови биле неважечки.

Инаку, по веста дека тројцата кандидати за ректор на УТ се повлекоа од трката поради сомнежи дека изборите се наместени во корист на Зејнели, зад кој се тврди дека стои ДУИ, граѓански организации и политички партии реагираа, при што некои побараа изборите да се откажат.

„Форумот за образовни промени бара времено откажување на конкурсот за Ректор на Универзитетот во Тетово по повлекувањето од конкурсот на тројцата кандидати Миќереме Руси, Башким Зибери и Дервиш Алими. Сè додека најголемиот албански универзитет во Северна Македонија не успее да обезбеди фер, слободни и демократски избори – без притисок од трети страни, без мешање на политичките партии, не треба да има избори“, реагираа од Форумот за образовни промени, повикувајќи ги Министерството за образование и наука (МОН) и Државниот просветен инспекторат да го поништат конкурсот.

Градоначалникот на Општина Тетово и претседател на Движењето БЕСА, Билал Касами преку реакција на Фејсбук рече дека повлекувањето на тројцата кандидати зборува за мешавина на „Ахметисти“ на УТ и негово заробување од политиката.

„Политичките групи кои го водат УТ и во ректоратот и во Универзитетскиот сенат, овој храм на знаење го водат само кон уништување и губење на малкуте преостанати вредности“, стои во реакцијата на Касами.

Универзитетот во Тетово да се трансформира побара и претседателот на Алијансата за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари.

„Имаме интелектуална, но и човечка обврска да идентификуваме личност која има кредибилитет и менаџерски капацитет во храмот на знаењето, кој е најголемото богатство на Албанците. Сега кога имаме квантитет мора да го трансформираме во квалитет“, пишува Таравари.

Од друга страна, Универзитетската изборна комисија соопшти дека процесот за избор на ректор се одвивал „според критериумите објавени од објавувањето на соодветниот конкурс“.

„Ние како изборно тело создадовме еднакви услови за секој од кандидатите кои учествуваат на овој конкурс, давајќи им можност на сите да ја развиваат својата изборна кампања, да ги презентираат своите програмски платформи, да одржуваат различни дебати и да ги искористат сите капацитети што ги поседува нашиот универзитет… Јас во својство на претседател на комисијата, заедно со останатите шест члена, создадовме еднакви услови за конкуренција за четворицата кандидати успешно да ја претстават својата програма. Со цел да се избегнат какви било неправилности во овој процес, согласно критериумите за конкуренција, секој од кандидатите имаше право да назначи набљудувачи на сите факултети каде што ќе се одржат изборите, како и право на жалба за секаква нејаснотија“, вели претседателот на Универзитетската изборна комисија, Ндерим Зеќири.

Според статутот на УТ, ректорот ја презема функцијата на почетокот на академската година.

Конкурсот за пријавување на кандидати беше објавен два пати во период од две недели, откако првиот конкурс беше откажан затоа што предвидуваше дополнителни критериуми за кандидатите, односно се инсистираше тие да имаат работен стаж од најмалку 15 години. Ваков критериум не е предвиден ниту во Законот за високо образование, ниту во Статутот на овој универзитет, ниту пак на конкурсите на останатите државни универзитети. Прекршок по ова прашање констатираше и Државниот просветен инспекторат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...