fbpx

Тетовскиот универзитет денеска избира ректор, тројца од четирите кандидати се повлекоа од трката

Гласањето за ректор на Тетовскиот универзитет ќе се одржи денеска во периодот од 12 до 14 часот, а резултатите се очекува да бидат објавени до крајот на денот

-

Кандидатите Башким Зибери, Миќереме Руси и Дервиш Алими се повлекоа од трката за ректор на Универзитетот во Тетово (УТ) поради основани сомнежи дека изборите се наместени во корист на Јусуф Зејнели, зад кого се тврди дека стои ДУИ, објави телевизија Алсат.

Сега поранешните кандидати за ректор велат дека имало политички притисоци врз професорите и врз нивните семејства.

Во писмото со оставка, тројцата кандидати поднеле три барања до Владата на Република Северна Македонија и до Министерството за образование и наука (МОН): да се разреши претседателот на универзитетскиот Сенат, заедно со целиот Сенат поради незаконски решенија потврдени од Државниот просветен инспекторат; да се разреши сегашниот в.д. ректор Куштрим Ахмети за кој велат дека бил избран незаконски; и МОН да назначи в.д. ректор кој ќе биде неполитички, со морален и интелектуален кредибилитет кој ќе го води процесот на избор на нови органи на тетовскиот универзитет.

Понатаму, кандидатите во своите оставки велат дека нивното останување во ректорската трка само би го легитимирало „заробениот и наместен“ процес, со притисок од страна на поранешниот ректор на универзитетот, а сега претседателот на Сенатот, Вулнет Амети.

„Тенденциозно промовирање на програмите на кандидатите пред академскиот кадар со отворено залагање за еден од кандидатите, потоа разни притисоци низ академските единици, чести посети на факултетите на спротивставените кандидати од страна на претседателот на Сенатот и ректорот на универзитетот за да ги уценуваат и да му дадат поддршка на кандидатот зад кого стојат, па сè до индивидуални апели на професорите кои вршат разни форми на притисок. За конкурсот да биде уште побесмислен, тука ги додаваме и политичките притисоци врз професорите, односно членовите на нивните семејства. Понатамошното учество во овој конкурс само би го легитимирало овој процес кој е сè, освен слободен академски натпревар“, пишува во писмото што го објави Алсат.

Гласањето за ректор на Тетовскиот универзитет ќе се одржи денеска во периодот од 12 до 14 часот, а резултатите се очекува да бидат објавени до крајот на денот.

Според статутот на УТ, ректорот ја презема функцијата на почетокот на академската година.

Конкурсот за пријавување на кандидати беше објавен два пати во период од две недели, откако првиот конкурс беше откажан затоа што предвидуваше дополнителни критериуми за кандидатите, односно се инсистираше тие да имаат работен стаж од најмалку 15 години. Ваков критериум не е предвиден ниту во Законот за високо образование, ниту во Статутот на овој универзитет, ниту пак на конкурсите на останатите државни универзитети. Прекршок по ова прашање констатираше и Државниот просветен инспекторат.

Измислен дополнителен критериум – поништен конкурсот за ректор на Тетовскиот универзитет

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...