Србија со најмногу барања до „Мета“ за пристап до податоци за корисниците

Македонските власти од јули до декември 2022 година испратиле вкупно 91 барање за увид во податоците на корисниците, при што бил побаран пристап до вкупно 125 кориснички сметки

Photo by Solen Feyissa on Unsplash

Од сите држави на Западен Балкан, Србија испратила најголем број барања до компанијата „Мета“ за увид во податоците на корисниците на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, покажуваат најновите податоци што ги објави технолошкиот гигант за втората половина од 2022 година.

Матичната компанија на Инстаграм и Фејсбук од 2013 година објавува шестмесечни извештаи за транспарентност, во кои се вклучени и барањата од државните институции за споделување податоци.

Државите бараат податоци од „Мета“ како дел од официјални истраги. Повеќето од овие барања се однесуваат на криминални случаи, како грабежи или киднапирања, пишува српскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Најчесто се бараат основни информации како име, датум на регистрација и времетраење на користењето на социјалните мрежи. Покрај тоа, државите можат да бараат и записи за ИП адреси или содржина на корисничките сметки.

„За секое барање што го добиваме, внимателно проверуваме дали е законски задоволително. Можеме да ги одбиеме или да побараме повеќе детали за нив, доколку се премногу широки или нејасни“, стои на веб-страницата на „Мета“.

Србија испратила најголем број вакви барања и во 2021 и 2022 година, во споредба со другите земји во регионот.

Кога станува збор за глобалните статистики, минатата година државите испратиле над 476.000 барања до технолошкиот гигант, што е за 51.000 повеќе во споредба со 2021 година.

На Западен Балкан, Србија води и кога станува збор за барањата за итна акција.

Од друга страна, најмалку барања за итна акција од земјите во регионот испратила Северна Македонија – само едно.

Македонските власти од јули до декември 2022 година испратиле вкупно 91 барање за увид во податоците на корисниците, при што бил побаран пристап до вкупно 125 кориснички сметки.

Со ова, Северна Македонија е трета меѓу земјите од Западен Балкан според бројот на вакви барања, по Србија на првото и Хрватска на второто место. Од вкупниот број на барања, „Мета“ на македонските власти им излегла во пресрет и им одобрила пристап во 46,15 отсто од случаите.