fbpx

Трка со времето: Потрагата по исчезнатата подморница влегува во критична фаза

Американската крајбрежна стража ја удвои големината на областа која ја пребарува, бидејќи смета дека подморските струи би можеле да ја одвлечат подморницата подалеку од областа каде што паднала

-

Потрагата по исчезнатата подморница „Титан“ што заминала да го истражува потонатиот брод „Титаник“ влегува во критична фаза, по проценките дека доводот на кислород за оние што се внатре може да истече за неколку часа.

Американската крајбрежна стража ја удвои големината на областа која ја пребарува, бидејќи смета дека подморските струи би можеле да ја одвлечат подморницата подалеку од областа каде што паднала, пренесува Би-би-си.

Пребарувањето под површината на морето сега се одвива на длабочина до 4 километри.

Крајбрежната стража на САД соопшти дека се слушале повеќе подводни звуци, но иако сè уште не се знае од каде точно доаѓаат, спасувачките тимови ја пребаруваат областа.

Во мисијата се приклучуваат сè повеќе авиони, бродови и возила управувани од роботи во сопственост на САД, Канада, Велика Британија и Франција.

Според „Гардијан“, иако е премногу рано да се каже што се случило со бродот, експертите покренаа прашања дали се испочитувани сите соодветни безбедносни мерки.

Меѓу исчезнатите е и Стоктон Раш, главниот извршен директор и основач на „OceanGate“, компанијата во чија сопственост е подморницата. За него се смета дека има децениско инженерско искуство и бил на чело на експедициите кон „Титаник“ од 2021 година, а ова му било петто патување до потонатиот брод.

Како што потрагата влегува во четвртиот ден, претседателот на американскиот Клуб на истражувачи, Ричард Гариот де Каје, смета дека сè уште постои надеж за добра завршница, пренесува „Гардијан“.

Тој во објава на социјалните мрежи напиша оти досегашните напори значајно ги подобриле шансите за позитивен исход на ситуацијата, иако и понатаму е критичен кон властите што не дејствувале доволно брзо.

Се смета дека на екипажот му остануваат помалку од 20 часа кислород, според претходните проценки на способностите на подморницата „Титан“.

Во разговор за Би-би-си, експертот за хибербарична медицина на Универзитетот Меморијал во Сент Џонс, Кен Ледез, вели дека преживувањето откако ќе истече кислородот ќе зависи од метаболизмот на луѓето и дека една личност може да преживее подолго од другите.

„Тие ќе направат сè што можат за да ја намалат потрошувачката на кислород, ќе одмараат, ќе се обидат да бидат што е можно поопуштени и смирени“, коментира Ледез.

Тој додава дека хипотермијата може да им помогне на петмината кои се наоѓаат во подморницата.

„Постои можност, ако доволно се оладат и изгубат свест, да преживеат. Отчукувањата на срцето може да бидат навистина бавни кога е ладно“, вели Ледез.

Подморницата „Титан“ се користи за истражување на остатоците од бродот „Титаник“. Експедициите вклучуваат археолози и морски биолози. Компанијата која ги организира експедициите носела и луѓе кои плаќале за да ги видат остатоците од овој брод.

Потонатиот „Титаник“ се наоѓа на околу 700 километри јужно од Сент Џонс, Њуфаундленд. „Титаник“, кој беше најголемиот брод во своето време, удри во санта мраз на своето прво патување од Саутемптон до Њујорк во 1912 година. Од 2.200 патници и членови на екипажот, повеќе од 1.500 загинаа.

Неговите остатоци се опширно истражувани откако беа откриени во 1985 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...