fbpx

Случајот со Вања злоупотребен за да се обвини ЕУ за неспособност

Проблемот со исчезнување деца не е само во ЕУ, туку е глобален. Во Австралија секоја година има 20 илјади исчезнати деца, во Канада 45.000, во Германија 100 илјади, во Индија 96 илјади и ова се годишни бројки, според Globalmissingkids.org

-

Случајот со 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје се злоупотребува без никакви аргументи да се нападне ЕУ како немоќна и небезбедна. Исчезнувањето на деца не е поврзано со членство во Унијата, туку е глобален феномен кој буквално го има во сите држави од светот. Станува збор за светска проблематика која не може да се доведе во корелација со дискусија за неефикасност или небезбедност на ЕУ. Исто така, изнесеното во објавата дека од ковид вакцини починале голем број луѓе е непоткрепено со докази, туку оди во прилог на пропагандниот наратив дека вакцините се штетни и создадени за депопулација, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Очи ширум затворени! Тоа се нашите новопечени патриоти кои сакаат да влезат во ЕУ! Што не го најдат девојчево бре ако се толку моќни бре да ви се наплукам на тоа ЕУ ….. нели се запрашавте како тоа многу испозагина на бел ден, како тоа починаа после вакцинацијата…..м? Или уво ве боли. Вратете го девојчето, бидеќи ќе почнат и ваши деца да снемува!

Станува збор за објава која се однесува на мистериозното исчезнување на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, за која подоцна истражните органи обелоденија дека е жртва на убиство. За овој случај во јавноста денес (04.12.2023) од страна на официјалните органи, односно Министерството за внатрешни работи, информираа дека станува збор за расчистен случај.

Според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, се работи за инцидентен случај со крајна цел – користољубие, а над 100 полициски службеници работеа интензивно од првиот момент на пријавувањето и продолжуваат понатаму.

Спасовски, одговарајќи на прашањето дали е загрозена јавната безбедност, потенцираше дека ова е изолиран, инцидентен случај кој имал организатори и имал крајна цел – да изнудат пари.

Ова нема врска со јавната безбедност, генерално. Ова лице според утврдените факти е грабнато внатре во влезот во зградата, по претходно добиена информација кога излегува и дека излегува само. Тоа е сосема различно од тоа што се имплицира или што деновиве и синоќа слушнавме дека заради Самитот на ОБСЕ воопшто не се постапувало по барањето за девојчето и дека заради таа активност околу организацијата на Самитот ние не сме објавиле јавно. Тоа е апсолутна лага, апсолутна бесмислица, поради тоа што никој, ни јас како човек, ниту кој било во полицијата, ниту Јавното обвинителство не може и нема да дозволи заради ваков случај да се прекине нешто поради одржување на одреден настан. На крајот од краиштата одговорен за организацијата на самиот настан и за безбедноста беше Одделот за заштита на определени личности и објекти, а одговорен за истрагата е СВР Скопје, односно Одделот за крим полиција. Тоа се двата Оддели кои работат – на едниот настан, за одржување на безбедноста и, паралелно, интензивно над 100 полициски службеници работеа интензивно од првиот момент на пријавувањето, па сѐ досега и продолжуваат понатаму, истакна министерот за внатрешни работи Спасовски

Во објавата, пак, без никакви аргументи се злоупотребува и се користи трагедијата за да се дискредитира Европската Унија и да се доведе во корелација случајот на исчезнувањето на Вања Ѓорчевска, со безбедноста на земјава поврзано со ЕУ.

Оваа злоупотреба за антизападна пропаганда, во објавата се прави и покрај тоа што за случајот со Вања Ѓорчевска беше вклучен и Интерпол, односно името на девојчето беше ставено на листата на Интерпол за исчезнати лица кои се бараат. Како што истакна министерот за внатрешни работи, Спасовски, станува збор за неколку стотици полициски службеници кои се активно вклучени во потрагата, а преземени се и бројни истражни мерки, кои вклучуваат сослушување на познаници и членови на семејството на исчезнатото девојче, прегледување на снимки од безбедносни камери, пребарување на локации. До моментот на пишувањето на оваа рецензија, беше соопштено и дека три лица се во притвор поради сомнеж дека учествувале во грабнувањето и убиството на Вања.

Со апсолутно никакви аргументи, во објавата што ја рецензираме се поврзува исчезнувањето на Ѓорчевска со перспективите за ЕУ членство на земјава и се алудира на некаква немоќност на ЕУ да го пронајде девојчето. Ова се прави во време на предистрага, кога се преземаат бројни мерки и активности и МВР работи на највисоко ниво за да го расчисти случајот. Во објавата не е даден ниту еден аргумент зошто ЕУ е таа која е повикана да работи на случајот, кога тој е во рацете на домашните органи кои интензивно работат на него и го расчистија.

МВР во координација и под водство на ЈО во текот на изминатата ноќ го расчисти случајот, откако вчера се добија информациите, се обезбедуваа доказите и беа пронајдени телата на двете лица кои се водеа за исчезнати. Иако, за жал, разрешницата не нѐ доведе до исходот кој го посакувавме сите ние и целата македонска јавност, да ги пронајдеме живи, туку двете лица, и малолетничката од Скопје и 74-годишното лице од Велес вчера беа пронајдени од полицијата, убиени и закопани – првото во околината на Скопје, а второто во околината на Велес. Затоа, дозволете ми да изразам најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите за оваа огромна загуба. Ова го велам во свое име, во име на секој еден што учествуваше и работеше во откривањето на овие кривични дела, и во име на сите врабтени во МВР. Но, преземените опсежни мерки и активности од страна на полициски службеници на СВР Скопје нѐ доведоа до сторителите на ова грозоморно кривично дело без преседан – тие се утврдени, приведени и за нив по извршените вештачења и искази се собрани материјални докази, рече Спасовски на денешната прес-конференција..
Самиот факт што Вања Ѓорчевска беше додадена на листата на Интерпол е доказ дека меѓународната полиција вложуваше напори да му помогне на македонското министерство за внатрешни работи во расветлувањето на овој случај. Како што е наведено на сајтот на Интерпол, жолта потерница (yellow notice), каква што, впрочем, беше издадена и за 14 годишната Ѓорчевска, се издава за да се помогне да се лоцираат исчезнати лица, честопати малолетници, или пак, да се помогне да се идентификуваат лица кои што не можат самите да се идентификуваат. Кога ќе се погледне листата на исчезнати лица на Интерпол, се доаѓа до заклучокот дека не само од ЕУ, туку исчезнати лица има и од земји што не се во ЕУ. Станува збор за светска проблематика која не може да се доведе во корелација со дискусија за неефикасност или небезбедност на ЕУ, како што тоа се прави обид во објавата што ја рецензираме.

Жолтата потерница е глобално полициско известување за личност која е исчезната. Се објавува за жртви на семејно киднапирање од страна на родител, за криминални киднапирања или необјаснети исчезнувања. Жолтата потерница може да послужи за да се идентификува лице кое не може самото да се идентификува. Ова е вредна и значајна алатка на полицијата и системот за борба против криминалот која може да ги зголеми шансите исчезнатото лице да биде лоцирано, особено ако има шанса дека тоа патувало, било киднапирано и однесено надвор од границите на некоја држава. Во 2021 година Интерпол издаде 2.622 вакви известувања за исчезнати лица. Жолтите известувања на Интерпол се исклучително важни затоа што им даваат висока, интернационална видливост на случаите. Известувањата за киднапираните и исчезнатите лица се испраќаат до сите гранични служби, што го прави патувањето на овие лица отежнато. Земјите може да бараат меѓу себе критични информации поврзани со истрагата. Значи, со објавувањето на лице за исчезнато на сајтот на Интерпол, се издигнува случајот на повисоко ниво.

Во објавата што ја рецензираме се вели дека „новопечените патриоти кои сакаат да влезат во ЕУ имаат очи широко затворени“ и на тој начин се доведуваат во корелација две апсолутно неспојливи работи, а тоа е евроатлантскиот пат на земјава со исчезнување на девојче под околности кои се предмет на истрага.

Проблемот со исчезнување деца не е само во ЕУ, туку е глобален. Во Австралија секоја година има 20 илјади исчезнати деца, во Канада 45.000, во Германија 100 илјади, во Индија 96 илјади и ова се годишни бројки, според Globalmissingkids.org. Истиот извор информира дека во Јамајка во 2015 година биле пријавени 1984 исчезнати деца, во Русија истата година 45 илјади деца, во Шпанија 20 илјади, во Велика Британија 112.853 а во САД 460 илјади. Ова, сепак, е само мал дел од проблемот. Во многу земји статистиките за исчезнати деца не се ни достапни.

Исто така, изнесеното во објавата дека од ковид вакцини починале голем број на луѓе е непоткрепено со докази, туку оди во прилог на пропагандниот наратив дека вакцините се штетни и создадени за депопулација, наратив кој се ширеше на македонскиот простор но и во светот, во текот на целата вакцинална кампања вклучително со други дезинформации кои го загрозуваа животот и здравјето на луѓето. Вакцинацијата против ковид е доброволна во С. Македонија и сите граѓани кои се вакцинирани тоа го прават по претходно потпишана изјава за согласност, којашто е дозвола да се администрира вакцината. Вакцините против ковид имаат поволен безбедносен профил, длабински се испитани, администрирани ширум светот и нема докази дека после вакцините масовно граѓани починувале, особено не во Македонија, каде нема такви пријави.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гордана Силјановска-Давкова официјално е претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ

Гордана Силјановска-Давкова и официјално ќе влезе во трката за претседател на државата, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Таа денеска со мнозинство гласови беше избрана на Kонвенцијата која се одржа во...