За исчезнати деца ќе се алармира на веб-страницата „Најди ме“

Секој од секаде ќе може да пријави исчезнато лице, а пријавата првично нема да се гледа јавно. Лицата кои стојат зад веб-страницата ќе ги разгледаат податоците добиени за исчезнатото лице и ќе ги пријават во МВР, а по добиена повратна информација, идентитетот на исчезнатото дете ќе се објави и официјално

Фото: Скриншот од „Најди ме“

Од денеска е ставена во функција веб-страницата „Најди ме“, која е дел од системот за рано предупредување на исчезнати деца во С. Македонија. Веб-страницата ќе биде достапна на македонски, албански и на ромски јазик, а на неа ќе може да се алармира за исчезнати деца, за да се намали ризикот од исчезнување и да се забрза процесот на наоѓање на исчезнатите деца.

Овој пилот-проект за системот за рано предупредување на исчезнати деца, во чии рамки е и веб-страницата najdime.org.mk, во период од година и половина го спроведуваше здружението „Новинари за човекови права“, а ќе функционира со помош на Министерството за внатрешни работи (МВР).

На завршната конференција на пилот-проектот се обрати министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој кажа дека нема дилема оти земјава треба да има систем за рано предупредување за исчезнати деца.

Министерот рече дека образовниот систем има важна улога во раното предупредување за исчезнати деца и додаде дека МОН го става на располагање сиот свој капацитет во развојот на овој систем.

Секој од секаде ќе може да пријави исчезнато лице, а пријавата првично нема да се гледа јавно. Лицата кои стојат зад веб-страницата ќе ги разгледаат податоците добиени за исчезнатото лице и ќе ги пријават во МВР, а по добиена повратна информација, идентитетот на исчезнатото дете ќе се објави и официјално на веб-страницата.