„Јавна соба“ е затворена, но МВР истражува слична таква група на „Телеграм“

Telegram
Скриншот од разговор од поранешната група „Јавна соба“ / фотографијата е од јануари 2020 година

Групата „Јавна соба“ е затворена, информираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на неговиот фејсбук-профил.

„Го поздравувам ваквиот чекор на платформата Телеграм и порачувам дека оние што го прекршиле законот ќе бидат казнети бидејќи ние целосно ги документираме случаите. Истовремено, апелирам за внимателност бидејќи на платформата Телеграм има и друга слична група и ние соодветно ќе постапиме и за членовите на оваа група. Сите што го кршат законот соодветно ќе одговараат,“ напиша Спасовски.

Една година по обелодувањето на случајот со групата „Јавна соба“, каде се споделуваат порнографски и еротски фотографии и видеа од девојки, група со истото име повторно се актуелизираше деновиве на апликацијата за пораки „Телеграм“.

Освен експлицитните фотографии, во оваа и во сличните групи се испраќаат и фотографии преземени од социјалните мрежи на девојки и жени, па заедно со телефонските броеви и личните податоци, тие се користат за наштетување на угледот на жртвите. Компромитирачки содржини наводно се објавуваат и за малолетни лица.