Поранешната министерка за внатрешни работи и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Јанкулоска, преку објава на „Твитер“, со подбив ги искоментира предвидувањата на актуелниот британски амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет, за тоа каде ја гледа земјава за 10 години.
Јанкулоска ја ретвитна англиската верзија од текстот на „Мета“ за оптимистичките предвидувања на британскиот амбасадор за Македонија, со наслов „Гарет: Македонија во 2027 година ќе има жена премиер и ќе биде во ЕУ и во НАТО“, и напиша: „Се покажа во сегашноста, па се зафати и со иднината“, со хаштаг „Нострадамус“.
Се покажа во сегашноста, па се зафати и со иднината #Nostradamus https://t.co/d5XpcsU2gN
— Gordana Jankuloska (@G_Jankuloska) January 18, 2017
Поранешната министерка за внатрешни работи не пропушта можност преку социјалните мрежи да ги искоментира случувањата поврзани со Велика Британија и со нејзиниот амбасадор во земјава, Чарлс Гарет.
Ден по референдумот во Велика Британија, на кој нејзините граѓани гласаа за Брексит, односно за излегување на земјата од Европската Унија, Јанкулоска на британскиот амбасадор му твитна „Сега шу праиме?!?“.
Сега Шу праиме?!? @BritAmbCGarrett
— Gordana Jankuloska (@G_Jankuloska) June 24, 2016
Инаку, Јанкулоска е стипендист на Велика Британија, односно како што може да се види во нејзината биографија, таа има магистрирано на кентскиот универзитет, во Кентербери. Во јули 2004 година, универзитетот ѝ доделува награда за посебни достигнувања во областа на правото.
Британската амбасада во Скопје преку социјалната мрежа „Фејсбук“ почна кампања насловена „Македонија 2027“, преку која сака да слушне од граѓаните каде ја гледаат земјата за десет години, што би сакале земјата да постигне.
Свој поглед на иднината на Македонија, прв даде британскиот амбасадор, Чарлс Гарет, кој предвидувањата ги претстави преку личниот дневник, напишан „на 26 август 2027 година“.