Советот на јавни обвинители денеска на седница, закажана за 10 часот, ќе го рагледува извештајот за шестмесечната работа на специјалната обвинителка, Катица Јанева, што таа пред три дена го поднесе до Советот и до Собранието на Рапублика Македонија.
На седницата ќе присуствува републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски, кој е член на Советот на јавни обвинители по службена должност, а поканета да присуствува е и специјалната обвинителка.
Сепак, како што потврдија за „Мета“ од Специјалното јавно обвинителство, Јанева нема да присуствува на седницата. Оттаму велат дека специјалната обвинителка нема законска обврска да учествува на седницата ниту, пак, досега било практика раководителите на обвинителствата во Република Македонија да присуствуваат и да реферираат пред Советот за вакви извештаи, како и тоа дека треба да се има предвид автономијата на Специјалното јавно обвинителство.
На седницата, според дел од медиумте, се очекува да се разгледува и спорот меѓу Јанева и Јавното обвинителство околу предметите што таа ги бара, а обвинителството одбива да ѝ ги предаде.