Грчкиот суд го ослободи од затвор Јоргос Рупакиас, член на ултрадесничарската партија Златна зора, коj e обвинет за убиство на раперот Павлос Фисас. Рупакиас излезе од затвор поради истекување на законскиот рок за привремен притвор без да биде одредена судска пресуда. Тој останува под строг домашен притвор со забрана да ја напушти државата.
Неговото ослободување поради фактот што дури 30 месеци не е донесена пресуда предизвика лавина реакции во Грција и неверување дека судот си дозволил работите да дојдат до овој степен.
Судењето почна пред повеќе од една година и сè уште се одвива бавно, со испит само на првите сведоци за убиството на музичарот Фисас. Најжестоките реакции дојдоа од семејството на Фисас.
– Како е можно да се ослободи убиец кој го има признаено делото? Некој да ми ги објасни овие закони. Никој од нас не очекуваше дека ќе поминат 30 месеци без да се одлучи ништо – изјави вознемирено мајката на Фисас, Магда Фисас.
Пратеникот на СИРИЗА, Христос Мандас, во изјава за телевизијата „Скај“ призна дека се срами од ситуацијата со Рупакиас.
– Мора да направиме сè што може, на секое ниво, на правно ниво за да се осигураме дека нема да се повторат вакви феномени. Судењето мора да продолжи и да се заврши еднаш засекогаш – истакна Мандас.
Рупакиас беше во притвор од септември 2013 година, два дена по убиството на Фисас на 18 септември. Судот по истекот на првите 18 месеци притвор изрече дополнителен притвор од една година, кој истече денеска.
Убиството на Фисас предизвика масовни реакции и протести против неонацистичката Златна зора и нејзините криминални активности. Рупакиас, покрај за убиството на Фисас, се товари и за активно учество во Златна зора како криминална организација.
Судењето на Златна зора како криминална организација почна на 20 април минатата година, а од самиот почеток неколкупати беше одложувано поради измена на правните застапници на околу 69 обвинети членови на партијата заедно со раководството и со лидерот, Никос Михалолиакос.
Организацијата се товари за убиството на Фисас, убиство на еден имигрант, физички напади, изнудување рекет, дејствување како паравоена организација и ред други активности, кои се сметаат за тешки криминални дела.