„Би била многу среќна ако тие луѓе се невини и да се повлечат сите тужби против нив. Ако кој било има аргументи дека рaботам против поединци или слично, јавно нека го каже тоа“, изјави денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, прашана за коментар на наводите од вчерашната прес-конференција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Јанева, која денеска присуствуваше на меѓународната конференција за право и за социјални науки на тема „Реформите во правото и антикоруптивните практики: Предизвици, перспективи и трансфер на искуства“, што се одржа на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, рече дека не постапува според имиња или функции, туку според доказите што ги поседува.
– За мене сите луѓе се исти, мене не ми е важно кој е обвинетиот и од каде е, мене ми е важно да има докази. Мене не ми е намерата да гонам некого кој претходно бил на висока функција – рече Јанева, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе ја искористи практика од Хрватска и ќе го уапси поранешниот премиер.
Во врска со отсуството на обвиненија против функционери и членови на ДУИ, Јанева рече дека нема обвиненија, но има предистражни постапки, додавајќи дека кога станува збор за преслушувани разговори на албански јазик, таа и други обвинители во СЈО се соочуваат со јазична пречка.
– Имаме јазична пречка и тука е проблемот. Ние имаме преведувачи кои ги преведуваат и ги анализираат (прислушуваните разговор ), меѓутоа јас не го познавам албанскиот јазик, а сакам да ги разберам и да ги анализирам тие разговори, нормално, како и другите јавни обвинители во ова обвинителство – изјави Јанева.
Во однос на случајот „Монструм“, Јанева рече дека бареле од Јавното обвинителство неколку предмети на увид, како „Сопот“, „Маѓар телеком“ и неколку други, но не ги добиле и затоа не го побарале и овој случај. Таа додаде оти се надева на интензивирање на соработката со судот и со јавното обвинителство и таа, како што рече, за разлика од претходно, е веќе подобрена и интензивирана.
Прашана за коментар за протестите пред судот по поднесувањето на обвиненијата, таа рече дека не ги сфатила како насочени против СЈО, туку повеќе кон судот и дека не знае кој ги организирал бидејќи никој од присутните не кажал зошто е таму.