Израел најавува евакуација на граѓани кои живеат на два километри од границата со Либан

Евакуацијата е последица на тензијата меѓу Израел и Либан како последица на кризата во регионот по терористичкиот напад на Хамас во Израел; во Газа пак, продолжува катастрофата за жителите

-

Израелските сили одбранбени сили најавија дека ќе ги евакуираат сите израелски граѓани кои живеат до два километри од границата со Либан, пишува Гардијан. Станува збор за евакуација на 28 домови.

Оваа најава следи по тензијата меѓу Израел и Либан предизвикана од терористичкиот напад на Хамас. По напад со ракети во Израел од либанската паравоена организација Хезболах, Израел го нападна Либан со дрон. Двете страни тврдат дека имаат жртви.

Новинари од Би-би-си известуваат дека вчера биле сведоци на пукање кое траело еден час меѓу двете страни. Дополнително, виделе и села кои се речиси целосно испразнети. Ситуацијата сè уште се развива.

Состојбата во Газа останува застрашувачка. Израел сè уште има блокирано струја во Газа, а од вчера престана да блокира вода под притисок на САД, известува Си-ен-ен

Светот виде теренска перспектива од ситуацијата во Газа од страна на 25-годишната документаристка Бисан Овда, која има работено со Обединетите нации за правата на жените и со Европската унија за климатски промени. Таа редовно постира новости на нејзиниот популарен инстаграм профил, а ги пренесе Би-би-си.

Овда објави видео каде пие вода од шише и изјавува дека станува збор за првата чиста капка вода која ја испила со денови. Во нејзиното најгледано видео таа објаснува дека имало бомбардирање на обележани „безбедни патеки“ преку кои им било објаснето на Палестинците да се движат од северна до јужна Газа по барањето од Израел за евакуација. 

„Тоа беше измама. Таргетираа амбулантни возила, коли и автобуси. Повеќе од 150 луѓе беа убиени, како што чув досега од други новинари. Си играат со нас, ни рекоа дека е безбедна рута. Не можам да замислам дека ова е вистинско. Си го губам паметот, си го губам животот. Ве молам, направете нешто“, вели Овда низ солзи во трогателно видео снимено пред болница.

Во најновото видео, таа најави дека им било нарачано да се евакуираат и болници. Докторите од Газа велат дека се преполни болниците и веќе немаат што да им дадат како лек на новите пациенти, известува Би-би-си.

„Гледам луѓе како се собираат околу чешми за вода. Струја имаат само болниците, но тие зависат од дизел за струја, кој се истрошува, а не стигнал нов дизел откако започна конфликтот. Во еден ден користиме толку лекови колку што обично користиме за цел месец. Секои пет минути има ново амбулантно возило со пациенти со многу комплицирани повреди“, вели бртианскиот-палестински доктор Гасан Абу-Сита од болницата Ал-Шифа.

Атила Бижен Жалили е нов сопственик на 85 отсто од акциите на ФК Вардар

Фудбалскиот клуб Вардар на својата страница на Фејсбук денеска објави дека нов сопственик на клубот со 85 отсто од акциите на клубот, е Атила Бижен Жалили. Тие го пренесуваат...