Изложба со повик полицијата сериозно да ги сфати пријавите за малтретирање на интернет

Фото: Центар за еднакви можности „Бубамара“

„Насилниците имаат имиња и треба да бидат казнети“ – со оваа порака Центарот за еднакви можности „Бубамара“ вчера на плоштадот во Тетово и во Гостивар, но и во Стара скопска чаршија, ја одржа „Изложбата без име“. Целта на оваа изложба беше преку илустрации на уметникот Рехатлику да се крене свеста малтретирањето со кое се соочуваат девојките на социјалните мрежи, бидејќи денес интернетот создаде „безбеден“ простор за насилниците, кои понекогаш избираат да останат анонимни или малтретираат со лажни профили.

„Преку оваа изложба имаме за цел да ја иронизираме реалната состојба со пренесување на пораката преку уметноста до насилниците, државните институции, но и самите девојки и жени. Видовме колку несериозно полицијата кај нас ги третира пријавите на девојки за малтретирање на социјалните мрежи. Премногу често им се кажува дека нема да бидат известени за името на насилникот дури и ако го најдат или му дадат неточни информации. Девојките треба да сфатат дека виновник е секогаш насилникот, а не жртвата. Целта ни е да ги поттикнеме жените и девојчињата да пријавуваат вознемирување на социјалните мрежи“, изјави Рита Бехадини од „Бубамара“.

Професорката на Правниот факултет Арта Селмани-Бакиу вели дека и покрај недовербата во институциите, девојките се уште мора да ги пријавуваат случаите на вознемирување.

„Првата врата каде што треба да се обратат девојчињата во ситуации на сексуално вознемирување и друго вознемирување е Министерството за внатрешни работи. Точно е дека има недоверба таму каде што институциите не си ја вршат работата за која се. Треба да се работи многу во оваа насока за девојките првично да не се плашат туку да ги пријават овие случаи. Мора да има конкретни кривични дела со кои девојките ќе бидат заштитени од сексуално вознемирување во мрежата“, рече Селмани-Бакиу.

Изложбата беше поставена вчера и во Старата скопска чаршија.

Оваа активност беше реализирана како дел од кампањата „SEEN“, во рамките на проектот „Млади градови“, поддржан од Институтот за стратешки дијалог – ИСД во соработка со Democracy Lab и Центар за млади и заедница – Гостивар.