fbpx

Три девојчиња починаа по ритуал на осакатување на гениталиите во Сиера Леоне

Ритуалот познат како ФГМ вклучува делумно или целосно отстранување на надворешните женски гениталии и се смета за кршење на човековите права на жените и девојчињата. Во 2012 година, ОН донесе резолуција за забрана на ритуалот, но истиот сè уште се практикува во околу 30 земји

-

Полицијата во Сиера Леоне ја истражува смртта на три девојчиња кои биле подложени на ритуал кој вклучува осакатување на женските гениталии (female genital mutilation – ФГМ).

Според локалните извештаи што ги пренесува „Гардијан“, меѓу починатите се 12-годишната Адамзи Сесај, 13-годишната Саламату Џалох и 17-годишната Кадијату Бангура. Тие починале за време на церемониите за иницијација во една од северозападните провинции во земјата минатиот месец.

Амината Корома, извршната секретарка на Форумот против штетни практики – организација која работи на ставање крај на ритуалот во Сиера Леоне – рече дека родителите на девојчињата и оние кои ги осакатиле се во полиција.

Осакатувањето на женските гениталии (ФГМ) вклучува делумно или целосно отстранување на надворешните женски гениталии и се смета за кршење на човековите права на жените и девојчињата. Во 2012 година, ОН донесе резолуција за забрана на ритуалот, но истиот сè уште се практикува во околу 30 земји.

Се очекува УНИЦЕФ следниот месец да објави нови податоци за практикувањето на ритуалот во светски рамки, а сегашните проценки покажуваат дека најмалку 200 милиони жени и девојки биле изложени на ФГМ.

И покрај повиците од активисти и застапници за човекови права, оваа практика да се криминализира, истата останува легална во Сиера Леоне. Национално истражување во 2019 година покажало дека 83 отсто од жените во земјата биле подложени на ФГМ, што е благ пад од 90 проценти во 2013 година.

Постапката е дел од традиционалниот ритуал на иницијација што го означува влегувањето на девојката во женственоста. Го спроведуваат таканаречени „совеи“ – високи членки на тајните друштва Бондо, кои се составени само од жени.

Форумот против штетни практики лобира за закон кој би го криминализирал ФГМ и работи на промовирање на алтернативни церемонии кои би значеле откажување од сегашниот ритуал.

Според Корома, ФГМ се многу важен приход за друштвото Бондо. Семејствата на девојчињата трошеле меѓу 300 и 400 долари за целата церемонија која трае три недели.

Според Светската здравствена организација, осакатувањето на женските гениталии нема здравствени придобивки за девојките и жените и предизвикува сериозно крвавење и проблеми со мокрењето, а подоцна и цисти, инфекции, како и компликации при породување, но и зголемен ризик од смрт на новороденчињата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени двајца руски новинари под обвинение дека работеле за фондацијата на Алексеј Навални

Двајца руски новинари се уапсени под обвинение за „екстремизам“, поради обвиненијата дека работеле за група основана од починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, пренесе Гардијан. Новинарите Константин Габов и Сергеј...