Изложба, филм и албуми со фотографии ќе може да се видат утре по повод 60 години од катастрофалниот земјотрес

Првиот настан ќе е мултимедијална изложба со слики и предмети поврзани со земјотресот, а на вториот настан ќе има читања на сведоштва и документарец Нестор Несторовски, единствениот човек во својата зграда кој го преживеал земјотресот

Фото: КСП Центар-Јадро

Во Културно-социјалниот простор, Центар-Јадро, утре, на 60 годишнината од скопскиот земјотрес, ќе се одржат два настани. Едниот е „26 Јули, 1963“ – изложба на фотографии, видео проекција за Скопје, а вториот е „Сведоштва за земјотресот“ од Нестор Несторовски во организација на неговата ќерка Солунка Зоксимовска.

„26 јули, 1963“ претставува изложба која е конципирана како мултимедијален настан на кој посетителите ќе можат да погледнат документарен филм за Скопје, макети од централното градско подрачје. Посетителите ќе имаат можност да видат и албуми со приватни фотографии како и историски фотографии од неколку периоди од развојот на Скопје со акцент на територијата на Општина Центар – од предземјотресениот период до катаклизмичниот постземјотресен период, како и обновениот Центар.

Изложбата ќе се отвори во 10 часот и ќе ја отвори градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

Фото: КСП Центар-Јадро

Вториот настан, „Сведоштва за земјотресот“, ќе се состои од читање и проекција на документарен филм. Солунка Зоксимовска ќе ги претстави записите на нејзиниот татко, Нестор Несторовски, единствен преживеан од зградата на бул. ЈНА, во која што тој живеел. Меѓу загинатите биле и неговата сопруга и двете деца на возраст од 13 и 14 години, Солуна и Мишко.

Сведоштвата започнуваат со настаните што се случиле два дена пред земјотресот, а завршуваат со извлекувањето на Нестор од урнатините на зградата. По претставувањето на записите ќе следува проекција на документарен филм во продукција на Македонската радио телевизија, кој се базира на потресната приказна и сведоштвата на Несторовски. Настанот ќе започне во 20 часот.